Општинскиот штаб за заштита и спасување во Куманово, на денешниот состанок во Општината, во врска со преземање на активности и мерки од ширење на болеста ковид-19 донесе препораки, заклучоци и мерки. Оттаму бараат од Комисијата за заразни болести, да бидат изземени од новите мерки за угостителите.
– Во врска со зголемување на мерките за заштита во ковид кризата и најавата за прогласување на денот недела како неработен ден за угостителските објекти, ОШЗС предлага на Комисијата за заразни болести при Министерство за здравство и Владата од оваа мерка да се изземе Општина Куманово. ОШЗС Куманово смета дека мерките и препораките на Владата во угостителските објекти на територија на Општина Куманово се почитуваат на задоволително ниво и е потребно само дополнителна контрола од надлежни инспекциски служби.
Сметаме доколку се донесе една таква рестриктивна мерка на тој начин ќе се зголеми групирање на млади луѓе во паркови, детски игралишта, организирање на забави во приватни куќи и викендици, при што ќе се зголеми ризикот од ширење на епидемијата.
Апелираме до сите организатори и учесници на протестите поврзани со образовниот процес да се почитуваат мерките за носење на заштитна опрема и одржување на минимум два метри дистанца. Во спротивно, истите претставуваат голем потенцијален ризик за ширење на епидемијата помеѓу самите учесници на протестите, граѓаните и случајните минувачи – велат од ОШЗС Куманово.