Пандемијата предизвикана од коронавирусот освен што претставува сериозна закана за здравјето и животот на граѓаните, е вистинска опасност која се одразува и по економијата, секојдневниот живот на граѓаните и работењето на деловните субјекти. Токму затоа советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, до Советот на Општина Прилеп предлага низа конструктивни мерки. Ова меѓу другото го изјави Петар Ристески, претседател на ОК на ВМРО ДПМНЕ на денешната прес-конференција.
– Мерките ќе бидат од огромна корист за угостителските објекти, занаетчиите, дуќанџиите во чаршијата, но и сите други погодени стопански субјекти, како и граѓаните кои губат работни места, со цел справување со економската криза. Предлагаме намалување за 50 отсто на данокот за имот за тековната 2020 година, како и 50 отсто на данокот за наследство и подарок, целосно ослободување од плаќање на фирмарина на деловните субјекти за 2019 и 2020 година, целосно ослободување од надомест за користење на јавен простор пред деловните простории (вклучително и летните тераси пред угостителските објекти до крајот на 2020 година), намалување за 50 отсто на сметките за вода и комунални услуги за најпогодените физички и правни лица во период од шест месеци. Во периодот додека трае кризата да се раскинат сите договори на дело на лица ангажирани преку агенции за привремени вработувања, авторски договори и слично, мерка со која ќе се заштедат околу 10 милиони денари. Укинување на сите непродуктивни трошења на Локалната самоуправа и јавните претпријатија, вклучително и на средствата предвидени за репрезентација, како и рационално и ограничено користење на возниот парк на институциите. На овој начин ќе се заштедат цели пет милиони денари – посочува Ристески, додавајќи дека според нив мерките кои ќе значат заштеда на голема сума пари, истовремено ќе обезбедат и дополнителни парични средства за граѓаните и стопанските субјекти во справувањето со оваа
глобална пандемија.
Во услови на ширење на пандемијата во градот ОК на ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка структура комплетно ги става на располагање сите свои човечки капацитети на Локалната самоуправа, а со цел заштита на здравјето на граѓаните и што поефикасно справување со оваа глобална опасност. Според Ристески ова е време кога е потребна солидарност, кога секоја подадена рака е добредојдена, кога секоја понудена помош треба да се прифати и кога треба да заборавиме на егоизмот и политичкото профитирање. Ка.М.