Владата на предлог на Комисијата за заразни болести во рамки на Министерството за здравство и Генералниот кризен штаб, донесе одлука за забрана за движењето за сите граѓани на ниво на целата територија, секој работен ден, од понеделник до петок, од 16 часот до 5 часот наредниот ден. Одлуката ќе стапи на сила в среда, 8 април.
За време на викендот целосно се забранува движењето за сите граѓани, односно забраната ќе почнува од петок во 16 часот и ќе трае до 5 часот во понеделник.
Дополнително, за лицата над 67-годишна возраст се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 10 до 12 часот.
За младите лица до 18 години се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 13 до 15 часот.
Според одлуката, се забранува движењето на граѓаните на јавни места и јавни површини во групи поголеми од две лица, при што тука не се вбројуваат лицата помали од 14 години, доколку се деца на родител кој е дел од групата од двајца.
За земјоделските активности, дозволено е движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби.
Аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство ќе изработи план за непречена работа и на здравствените установи.
Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници (во ЈЗУ и ПЗИ, како и матичните лекари) и за маркетите и рестораните кои вршат достава на производи, при што тие своите ангажмани ќе ги реализираат непречено.