Завршен е планот за скринингот на населението за детектирање асимптоматски групи на заболени од ковид-19, од страна на Центарот за јавно здравје и Институтот за јавно здравје, информираше министерот за здравство Венко Филипче.
Од наредната недела ќе се прават околу 400-500 тестови согласно индикациите за критични групи. Преку ПЦР тестови во првата група ќе бидат опфатени вработените во градинките, здравствените работници и вработените во домовите за стари лица.
– Кога децата ќе се вратат во градинките, треба да бидеме сигурни дека нема асимптоматски носители на вирусот кај вработените во градинките. Истото важи и за здравствените работници и вработените во домовите за стари лица, тие ни се приоритетна група – рече Филипче.
Земањето брисеви за скринингот ќе се врши и преку матични лекари, но и преку матичните стоматолози.
Понатаму, скринингот ќе продолжи и кај таксистите, вработените во јавните служби, возачите во автобусите на ЈСП, како и кај пациентите со биолошка терапија.