Денес се одбележува Светскиот ден на грижа за ментално здравје. Во услови на ковид-19 важно е да се обрне внимание на влијанието на кризата врз менталното здравје на групите под ризик, како што се повозрасни лица, децата и адолесцентите, различни групи со зголемен ризик за насилство, лицата кои веќе се лекуваат од ментални растројства, како и на здравствените работници, кои несебично ги вложуваат сите свои човечки потенцијали за справување со пандемијата и за зачувување и подобрување на здравствениот статус на населението.
„Во поддршка на овој важен сегмент на колективното здравје, Клиниката за психијатрија е активно вклучена во справувањето во борбата со коронавирусот и токму во насока на унапредување на менталното здравје. Клиниката има отворено повеќе телефонски линии за различни целни групи и почнувајќи од март оваа година досега се реализирани над 4.500 телефонски разговори за психолошка поддршка на граѓаните за време на пандемијата со ковид-19“, соопштија од Министерството за здравство.
Од Клиниката информираат дека во тек е меѓународно истражување за менталното здравје на населението за време на мерките за контрола на пандемија со овој вирус. Координатор на истражувањето е италијанското здружение за социјална психијатрија, а координатор за нашата држава е токму Универзитетската клиника за психијатрија. Оваа студија се спроведува со цел да се изврши процена на влијанието на пандемијата ковид-19, како и воведените рестриктивни мерки врз менталното здравје кај нашето население како основа за развој на соодветни здравствени интервенции.
Министерството за здравство апелира граѓаните да побараат стручна помош, психијатар или психолог доколку стресот е присутен во текот на дневните активности подолг период и не успеат да најдат начин како да се справат со него.