На предлог на Комисијата за заразни болести со цел да се спречи натамошен пораст на бројките на заболени и хоспитализирани од ковид-19, Владата одлучи од денеска до 22 март да биде воведен полициски час што ќе трае од 22 часот вечерта до 05 часот наутро, а движењето во време на ограничувањето ќе биде можно само со дозволи.
Дозволите за движење во време на полициски час што минатата година ги издаде Министерството за информатичко општество и администрација ќе важат и за време на ограниченото движење на граѓаните од утре до 22 март. На оние кои ги изгубиле дозволите, МИОА ќе им преиздаде нови. Во однос на издавањето дозволи поврзани со работата на економските оператори по 22 часот задолжени се самите фирми, како што било случај минатата година.
Отстапки од забраната ќе има за сите граѓани кои за време на забраната ќе имаат итна потреба од медицинска помош, и за слободно движење ќе треба да ја пријават својата потреба на службата 192 на телефонот на Министерството за внатрешни работи.
Одлуката за забрана за движење не важи за патниците што доаѓаат или заминуваат од меѓународните аеродроми, кои за време на полицискиот час како дозвола за движење ќе им се признаваат авионските карти. Оваа отстапка е иста и за патниците во меѓународниот превоз на патници.