Владата донесе дополнителни ограничувања за движењето на граѓаните, министерот за економија Крешник Бектеши претстави мерки за справување со економските последици од пандемијата, а претседателот Стево Пендаровски вчера се обрати до јавноста, додекa во изминатите 24 часа беа регистрирани нови 12 заболени од коронавирус (седум во Скопје и пет во Куманово), со што вкупниот број на дијагностицирани пациенти во Македонија изнесуваше 148 лица.
Забраната за движење за сите граѓани од 21 до 6 часот беше заменета со ограничување на движењето од 21 до 5 часот, поради метежот што се создаде во јавниот превоз и поради потребата на граѓаните да стигнат на работните места во утринските часови. Дополнително, Владата донесе одлука да се забрани движењето на граѓаните над 67 години од 11 часот до 5 часот следниот ден. Владата донесе и одлука за ограничување на движењето на младите до 18 години, за кои забраната за движење ќе почнува во 21 часот и ќе трае до 12 часот наредниот ден.
– Во изминативе 20 години имаме поминато низ многу тешки работи, но, да бидам искрен, ваков смртоносен противник досега не сме имале. Додека целиот свет е во потрага по вакцина и лек, самоизолацијата е најдобрата превентива против вирусот. Знам дека ви е тешко, но мораме да ги зачуваме нашите животи и да им помогнеме на немоќните и повозрасните. Немаме друга опција во овој период освен да издржиме! Ве молам, не паѓајте со духот, сите заедно ќе издржиме – порача Пендаровски во своето обраќање до јавноста.