Заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, заедно со членовите на Инпекцискиот совет, одржа прес-конференција за измените и дополнувањата на Законот за заштита на здравјето на населението од заразни болести, што ги усвои Собранието. Една е од клучните измени на овој заекон е со што сите инспекторати сега добиваат нови поголеми овластувања за постапување со прекршителите на здравствените ковид-протоколи.
– Конкретно, доколку на терен инспекткорите констатираат дека одредено правно лице ги прекршува здравствените протоколи, во истиот момент ќе му се изрече привремена забрана за вршење на дејноста од 10 до 30 дена, односно објектот на самото место ќе биде затворен. Апелирам ова да се сфати крајно сериозно, нема простор за компромис кога е во прашање јавното здравје!
Дополнително, според новите измени, висината на глобите ќе варира во зависност од големината на правниот субјект – за микро, мало, средно или големо претпријатие, како и соодветни глоби за одговорен на правното лице, трговец поединец или физичко лице. Со ова сакаме да покажеме и правичност и праведност во однос на големината на субјектот и нивото на самата казна. Ако воопшто постоеше некој што се двоумеше и имаше недоверба во однос на тоа дали овие промени се потребни пред речиси еден месец, кога првпат ги претставивме пред јавноста, верувам дека сега со изгласувањето на законските измени и дополнувања мислењето е променето.
Бројките на заразени растат. Болничките капацитети се полнат, здравствениот систем е веќе оптоварен, а и инспекциските служби и сите оние што се стванеи во функција на заштита на здравјето на граѓаните. Ситуацијата е крајно сериозна – изјави тој.
Според Николовски, нè напуштаат луѓе што до вчера биле здрави, веќе речиси и да нема некој што не чул за сосед, роднина, пријател, познајник, кој е заразен од коронавирусот. Вирусот е тука, посилен од кога било.
– Запрашајте се себеси дали сме и ние како општество и поединци посилни од кога било во борбата против него? Едноставно е – дистанца, маска, дезинфекција и миење раце. Од нас зависи! Од секој поединец. Зар да се доведуваме до несакани ситуации, а кои стопроцентно може да се избегнат? Мора да сфатиме дека само така со почитување на мерките и протоколите и само заеднички ќе успееме да се намали ширењето на вирусот и да ја надмине оваа здравствена криза, која силно притиска и врз економијата. Можеме подобро и, ве молам, секој пред себе да си вети дека може и мора подобро! Нема друга алтернатива на патот што води кон подобро. Ова е тој пат. Патот на одговорноста, патот на дисциплинираноста, патот на почитување на редот и следење на правилата. Ова се тешки времиња. А како што и нашите стари велат – јунаците на мака се познаваат. Да најдеме сила и да го дадеме најдоброто од нас. Помогни си себеси и воедно ќе им помогнеш на другите. И уште еднаш апелирам – почитувајте ги мерките и протколите, а толеранција за прекршителите нема да има! – додаде Николовски.