Скринингот на вработените во детските градинки во Кичево потврди
Скринингот што се врши врз сите детски градинки во земјава ги опфати и вработените во трите детски градинки во Кичево и една во село Пласница, и потврди дека сите 63 вработени се негативни на коронавирусот, со што може без проблеми да им се вратат на своите работни обврски.
– На наше големо задоволство сите 63 вработени во детските градинки во Кичево и Пласница се негативни на коронавирусот и целосно се подготвени да им се вратат на редовните обврски. Во нашите детски градинки запишани се вкупно 469 деца на возраст од 9 месеци до 6 години, но градинките редовно ги посетуваат помалку од 400 деца. Покрај скринингот на ковид-19, на готвачките и сите лица ангажирани околу подготовката и служење на храната, им беа земени и дополнителни брисеви за да се провери нивната здравствена состојба, што се потврдува во санитарните книшки – вели Садик Ахмети директор на детските градинки, кој додава дека пролетва во градинките е извршена темелна дезинфекција на просториите, мебелот и на инвентарот.
Во рамките на подготовките за рестарт, раководството одржа средба со родителите да ги слушне нивните предлози кога децата да се вратат во градинка, а повеќето од нив побараа тоа да се случи нешто подоцна.
Ахмети посочи дека покрај вработените на кои им се извршени тестирања и прегледи, и на децата ќе им се мери телесна температура пред влез во градинка.
– За да имаме целосна контрола врз здравствената состојба на децата што ќе престојуваат во градинка и на нив секојдневно ќе им се мери телесна температура, со што ќе исклучиме секаква можност да имаме болни од децата во градинка – додава Ахмети.
Пред извесно време на детските градинки во Кичево им се приклучи и детската градинка во село Пласница, која моментно ја посетуваат 25 деца на возраст до 6 години. З.А.