Нема пријавени несакани ефекти по почетокот на масовното вакцинирање во спортскиот центар „Борис Трајковски“. Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека единствен пријавен несакан ефект има кај 28-годишната девојка вакцинирана во Србија, која денес треба да биде пуштена на домашно лекување.
– Освен две случки на колапс, кој не се поврзува со вакцинирањето туку е поради страв и панични напади, други несакани ефекти нема. Девојката со тромб на очната вена требаше вчера, но денес оди на домашно лекување – рече министерот Филипче.
Вкупно вакцинирани во земјава, заклучно со вчера министерот рече дека се 13.000 граѓани. Старосната граница за вакцинирање е симната и за вакцинирање се повикуваат лица над 75 години и помлади.
Вчера во салата „Борис Трајковски“ вакцина добиле 2.600 граѓани, а министерот Филипче очекува оваа дневна бројка да се искачи на 7.000, а доколку е потребно и повеќе.
Тој уверува дека во текот на месецот ќе стигнуваат нови количини вакцини, но сè уште не кажува точни датуми. Извесно е дека вакцини од Кина се очекуваат меѓу 15 и 20 април, но и за нив точен датум нема.