Здравствениот систем е подготвен да апсорбира поголем број на пациенти којшто се очекува со пикот на коронавирусот кон крајот на април, изјави министерот за здравство, Венко Филипче, на вчерашната прес-конференција.
Министерството за здравство има на располагање повеќе од 1.000 болнички кревети за хоспитализирање на пациенти со коронавирус во: Клиниката за инфективни болести со дополнителните капацитети, болницата „8 Септември“, Инфективните одделенија во Штип, Гостивар и Велес, Институт за белодробни заболувања во Козле, депандансот на Министерството за труд и социјална политика во Демир Капија, како и понудените капацитети од приватните болници.
Клиниката за инфективни болести заедно со дополнителниот капацитет за прием на тешко и средно-тешко болни пациенти со коронавирус располага со 250 болнички кревети, а со близу 400 кревети, болницата „8-ми Септември“ во Скопје.
– На Клиниката за инфективни болести се лекуваат 59 пациенти што претставува една четвртина од расположивите капацитети само на оваа локација, што значи дека овие институции располагаат со доволно капацитети, но и со инфектолози специјалисти по инфективна медицина и обучен медицински персонал – велат од МЗ.
Од таму велат дека моделот на третман и лечење на тешките и средно тешките пациенти во институции каде што има специјалисти по инфективна медицина, во комбинација со домашното лекување, е модел на пристап кон пациентите со коронавирус којшто се применува во Германија и се покажува како солиден и може да се аплицира во нашата земја.
– Воспоставенa e координација помеѓу повеќе нивоа на институциите во рамки на здравствениот систем – примарните лекари, здравствените домови со пунктовите каде што се земаат материјали, секундарните болници и клиниката како врвна институција од терциерното здравство.
Здравствениот систем е спремен да прими и поголем број на пациенти од бројката на пациенти кои сега се третираат во болниците и е подготвен за пикот којшто според проценките се очекува на крајот на месец април – велат од Министерството.