Најголем број од активните случаи на коронавирус во Скопје се од Чаир, по што следат Сарај, Аеродром, Бутел и Гази Баба, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје.
Во Скопје заклучно со вчера активни се 392 случаи или дадено по општини: во Чаир активни се 97, Сарај – 47, Аеродром – 47, Бутел – 47, Гази Баба – 38, Центар – 24, Карпош – 17, Кисела Вода – 17, Студеничани – 13, Ѓорче Петров 11, Илинден 10, Шуто Оризари – 9, Арачиново – 8, Петровец – 5, Сопиште -2.
Од денес од 21 часот до понеделник до 5 часот наутро, се ограничува движењето на граѓаните на сите општини од град Скопје.
Од Министерството за здравство велат дека полицискиот час е воведен во цело Скопје бидејќи градот е една функционална единица. На вчерашната прес конференција министерот за здравство Филипче истакна дека не станува збор само за една единствена мерка, туку надополнување на многу специфични мерки кои се имплементираат во општините, а согласно податоците кои се добиваат од епидемиолошките анкети.
– Скопје е една функционална единица. Многу луѓе, покажаа и анкетите од прашалникот со заболените, со нивните контакти, дека циркулираат низ целиот град. Со оваа мерка го штитиме целиот град Скопје – истакна Филипче.
Од денеска од 21 часот до понеделник 5 часот наутро ќе има целосна забрана на движењето на сите граѓани во Скопје (сите скопски општини), Куманово, Липково, Штип, Тетово, како и Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце, како и општина Карбинци. Во сите други градови полицискиот час ќе трае од четврток (4 јуни) од 21 часот до петок (5 јуни) до 5 часот наутро. Во петок, сабота и во недела полицискиот час ќе почнува од 16 часот и ќе трае до следниот ден до 5 часот наутро.