Во најголемото основно училиште во Кичево ОУ „Санде Штерјоски“, настава со физичко присуство следат 428 ученика од 1-во до 3-то одделение, додека учениците од повисоките одделенија, поточно од 4-то до 9-то одделение, настава следат онлајн. Засега во ова училиште нема регистрирано заболени од ковид-19, како кај вработените така и кај учениците.
Единствено кај двајца ученици во семејството има инфициран родител и тие се наоѓаат во изолација. Директорот Јонуз Пињоли крајно сериозно ѝ приоѓа на ситуацијата и засега успешно се справуваат со коронавирусот.
– Во нашето училиште настава со физичко присуство се одвива за 428 ученици од 1-во до 3-то одделение, во две смени. Преостанатите 1.020 ученици од 4-то до 9-то одделение наставата ја следат онлајн. Кај децата кои настава следат со физичко присуство, засега немаме инфицирано ниту ученик, ниту учител. Секојдневно се води целосна грижа за учениците, од нивното доаѓање на училиште, тие се пречекуваат пред влезот на училишната зграда, им се мери телесна температура и се упатуваат директно во својата училница, каде има средства за лична хигиена. Во текот на наставата, сите ученици се под целосна контрола на нивните учители – вели директорот Пињоли.
Тој има забелешка на дел од учениците од 4-то до 9-то одделение, кои често не се вклучуваат во платформата за да ја следат наставата, а нивниот број е од 10 до 20 отсто.
– За учениците кои ја следат наставата онлајн имаме забелешка на нивното нередовно вклучување на интернет платформата, како би ја следеле наставата. Процентот на оние ученици кои не се вклучуваат во програмата, дневно изнесува од 10 до 20 проценти. Во оваа група влегуваат и дел ученици кои немаат интернет во сопствениот дом или не поседуваат лаптоп или компјутер. Што се однесува до наставниците, тие се крајно солидарни и кога недостига некое помагало за одвивање на наставата, тие ги користат сопствените лаптопи за да може наставата да се одвива непречено – додава директорот Пињоли.