Секојдневието низ призма на најранливата категорија граѓани
На кој начин и како пензионерите го пребродуваат секојдневието, поврзано со вонредната состојба за справувањето на земјата со коронавирусот, и колку надлежните институции се грижат и ѝ помагаат на оваа најранлива категорија граѓани.
Илија Николовски од Партијата на пензионерите оценува дека како држава Македонија сосема солидно се справува со состојбите во овие кризни моменти, притоа реагирајќи навремено со активностите во правец на заштита на населението и со особен акцент во заштита на пензионерите во земјата, кои се една од најранливите категории граѓани што ги напаѓа оваа болест.
– Нашиот државен одговор во овие случувања, по ништо не заостанува од регионот дури е и на исто ниво со мноштво силни светски држави, а пензионерите можат да го почувствуваат тоа на своја кожа и знаат дека Владата се грижи за нив – вели Николовски.
Тој мисли дека ако сакаме да го надминеме овој кризен период на земјата, сите треба безусловно да ги почитуваат мерките зададени од Владата и да се придружуваат до строгите правила за однесување во оваа ситуација.
Николовски подвлекува дека ако се изанализираат мерките предвидени за пензионерите, единствено државата би можела во иднина да ја приспособи својата методологија само за пензионерите што живеат во руралните и во приградските средини.
– Кај нас секојдневно се јавуваат членови што живеат во селски или во приградски средини, за кои временската одредба од 5 до 11 часот за набавка на потребни работи за дома е прекратка и таа би можела, можеби, само за овие средини, а не за градовите, да се продолжи за еден час. Тоа го размислуваме така, бидејќи во овие средини пензионерите додека патуваат до градовите да ги извршат набавките на храна и други потреби за дома, губат многу часови во патувањето и претставува проблем да стигнат точно до 11 часот до своите домови – вели Николовски.
Но тој додава дека генералната слика за менаџирањето на состојбите е добра и очекува дека и во иднина соодветно ќе се дејствува, до моментот додека не се порази болеста во земјата.
Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија (СЗПМ), информира дека за да бидеме сите на висина на задачата во овие сериозни моменти и колку е можно побезболно да ја надминеме оваа загрижувачка состојба со коронавирусот, Сојузот препорачува стриктно и одговорно да се почитуваат препораките што ги донел Извршниот одбор на СЗПМ на својата последна седница, заедно со мерките што во континуитет ги објавуваат надлежните органи.
Трајкова информира дека во здруженијата во кои активисти се само пензионери, е донесена одлука локациите физички да не бидат посетувани од членовите, туку контактите за сите потребни работи со членовите да се вршат преку телефон.
– Сојузот ја поздравува постапката за привремено затворање на пензионерските клубови, а како и секогаш досега се надевам дека и овој пат сите ќе ги покажат својата мудрост и одговорност и ќе бидат пример за помладата популација – вели Трајкова.
Од СЗПМ информираат дека донеле и препораки за однесување на пензионерите во овие околности, кои подразбираат: да не се одржуваат масовни пензионерски средби, да се почитуваат препораките што се однесуваат на другите граѓани, а пензионерите подоследно да ги применуваат нив, натаму, доколку Здружението е во состојба да донира за ризичната група пензионери средства за лична хигиена и продукти за исхрана на други пензионери и од организацијата, да се советуваат пензионерите да ги ограничат нивните посети надвор од домот.
Во меѓувреме, од Министерството за труд и социјална политика за „Нова Македонија“ информираат дека грижата за пензионерите продолжува и во услови на спроведување на мерките за превенција и спречување на ковид-19.
Оттаму велат дека пензиите се исплатуваат во полн износ, а банките позитивно одговорија на препораката на Владата, да обезбедат предвремена исплата на пензиите. Некои од банките веќе почнаа со исплати.
– Во согласност со мерките за превенција од ширење на вирусот ковид-19, известуваме дека лицата што имаат или поднесуваат ново барање за надоместок за помош и нега од друго лице и надоместок за попреченост се информираат дека комисиите за издавање конзилијарни мислења ќе даваат конзилијарно мислење со наод, само врз основа на медицинска документација без непосреден преглед на странките. Во сите установи за заштита на стари лица се почитуваат препораките за заштита, домовите се дезинфицираат, забранети се посети и внесување храна, а персоналот користи заштитни маски и ракавици – информираат државните власти.
Од Министерството забележуваат дека пензионерите, кои поради мерките и препораките за заштита и превенција од коронавирусот не можат да ги напуштаат своите домови, добиваат помош од мобилни тимови на Црвен крст, чија задача е да вршат неопходна набавка на прехранбени производи, лекови и средства за лична хигиена за лицата во самоизолација и истите тие да ги достават до домовите.
Според Министерството, оваа сервисната услуга е бесплатна, а пензионерите ја плаќаат само набавката на артиклите.