Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска на прес-конференција кажа дека во текот на следната недела ќе се постави објект до Клиниката за инфективни болести за да се зголеми капацитетот на легла.
– На почетокот на следната недела, се очекува поставување на мобилната болница на просторот до инфективната клиника. Тука ќе бидат поставени објекти во кои ќе се сместат 130 кревети, со што капацитетот на клиниката ќе се дуплира. Ќе има соодветни тоалети и ходници преку кои ќе се комуницира со клиниката – рече Филипче.
Во однос на шпекулациите дека Министерството за здравство не ги соопштува сите случаи на заболени од коронавирус, министерот Филипче вели дека не смее да постои ниту најмал сомнеж.
– Не треба да се има ниту најмал сомнеж дека не се споделуваат точни бројки. Не може да биде поинаку. Тие бројки ги споделуваме и со СЗО. Нема простор за манипулација – рече Филипче.