Во врска со застојот на македонските автопревозници на италијанско-словенечката граница, Министерството за надворешни работи (МНР) информира дека вчера се обезбеди конвој за одреден број македонски превозници, кои беа придружувани од словенечката полиција и транзитираа преку словенечка територија на пат кон крајната дестинација – Република Македонија.
– Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, со сите свои ресурси и напори, преку дипломатско-конзуларните претставништва во Љубљана и Загреб, се обидува да обезбеди што поскоро транзитирање преку словенечка и хрватска територија и безбедно враќање дома на сите наши превозници. Испративме и нота до словенечкото и хрватското МНР, со барање за што поскоро вклучување на македонските превозници, лесни возила, комбиња, автобуси и камиони, во следните планирани конвои од словенечка и хрватска страна. Во тој контекст, министерот Никола Димитров од утринските часови е во постојана комуникација со Министерството за надворешни работи на Словенија, кризниот штаб и амбасадорот Јазбец – велат од МНР.
Од Министерството за надворешни работи на Словенија и Словенечкиот кризен штаб известуваат дека најмалку 3.000 превозници чекаат на граничните премини на италијанско-словенечката граница и уверуваат дека постојано организираат конвои, внимавајќи на правично учество на превозниците од сите држави во регионот.