Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека е во добра здравствена и физичка кондиција, откако министерот за здравство информира дека тој и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, се во самоизолација затоа што имале телевизиско интервју со новинар кој е позитивен на коронавирус.
Почитувани сограѓани, поврзано со информациите кои произлегоа за мојата здравствена состојба сакам да информирам дека до овој момент сум во одлична здравствена и физичка кондиција.
Во текот на вчерашниот ден, по добивање на информацијата дека е нарушено здравјето на новинарот со кој имав интервју точно пред една недела и истото се поврзува со пандемијата, направив тест чии резултати се негативни. Но, ќе ги почитувам препораките на здравствените лица и во наредниот период од неколку дена ќе останам во изолација. Се надевам на брзо закрепнување на новинарот и негово брзо враќање на работното место.
Продолжувам од мојот дом да ја следам актуелната состојба. Да им даваме поддршка на оние кои се во првата линија против пандемијата. Ја користам оваа можност а да се заблагодарам на сите оние кои пројавија интерес за моето здравје.
И понатаму активно ќе се бориме против пандемијата која донесе тешка здравствена, санитарна и економска криза. Сигурен сум дека на крајот заеднички ќе победиме затоа што секој живот вреди и затоа што ја сакаме Македонија. Бидете живи и здрави, напиша Мицкоски на Фејсбук.