Вкупно 8.200 ученици од основните и средните училишта, преку регистарот во е-дневник, по случаен избор, треба да бидат тестирани на ковид-19, со согласност од нивните родители, за да се се добијат податоци дали има пренесување на вирусот во училиштата. Но засега нема информации кога ќе почне скринингот што беше најавен за почетокот на неделава, од страна на Министерството за здравство.
Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска информираше дека е во постојана координација со Министетството за здравство и оти деталите за скринингот ќе бидат навреме соопштени.
– МОН е во координација со Министетството за здравство кое е надлежно за координација на овој процес. Јавноста ќе биде навремено известена во моментот кога институциите ќе имаат нови информации – рече Царовска одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на регионалната конференција „Училиштата се среќаваат со компаниите“.