Граѓаните при закажување на веб-страницата вакцинација.мк сами направиле погрешен избор на локација каде сакаат да се вакцинираат и поради тоа системот автоматски им испратил порака за локацијата, односно вакциналниот пункт и градот, што сами го одбрале.
Ова го соопшти Министерството за здравство по серијата информации од граѓани во јавноста, претежно на социјалните мрежи, дека за вакцинација добивале смс пораки за да се вакцинираат во друг град, а не каде што живеат.
– Министерството за здравство ги информира сите граѓани кои се соочиле со ваков проблем и од таа причина не се појавиле вчера на вакцинација истото да го сторат денеска, во местото каде живеат, односно на вакциналниот пункт во нивниот град. Не е потребно повторно да се пријават ниту на вакцинација.мк ниту кај својот матичен лекар, доволно е кога ќе дојдат на вакциналниот пункт да ја покажат пораката која ја добиле односно каде пишува дека вчера имале термин за вакцинација – се наведува во соопштението.
Ова важи за сите граѓани кои и денеска или во наредните денови ќе се соочат со овој проблем.
На пример ако лицето добило порака дека треба да се вакцинира во Струга, а место на живеење му е во Скопје, денеска може да оди на кој било вакцинален пункт во Скопје но задолжително да ја прикаже пораката што ја добил за вакцинација. Доколку доказот дека има термин е валиден, лицето ќе се вакцинира, веднаш.
Освен салите за масовна вакцинација во Скопје, Куманово, Охрид, Штип, Кавадарци, Тетово и Битола, вакциналните пунктови работат и во здравствените установи во Струмица, Прилеп, Гостивар, Кичево, Струга, Велес, Кочани, Дебар и Гевгелија.
Министерството за здравство апелира до граѓаните да го почитуваат терминот, односно времето кое го добиле за вакцинација, како не би се создавал метеж на вакциналните пунктови.
– Апелираме до граѓаните да се пријавуваат за вакцинирање на веб страницата вакцинација.мк тоа е најлесниот и најбрзиот начин за да се вакцинирате – велат од МЗ.