Во текот на неделава закажани се два состаноци, во рамките на Светската здравствена организација и на Европскиот самит, а во врска со отворањето на границите, соопшти министерот за здравство, Венко Филипче.
Тој рече дека ќе мора заеднички, во рамките на регионот, да се носат одлуките, бидејќи залудна би била добрата стратегија на државата ако се отворат границите и без контрола почнат да се пуштаат патници.
– Утре е закажан состанок на СЗО токму за нашиот регион, а во среда Европскиот самит има дискусија за таканаречена „излезна стратегија“. Една од темите на двата состаноци ќе биде токму отворањето на границите. Зборував со моите колеги од регионот, грчкиот колега ме извести за отворање на границите во јуни, во мај тоа нема да се случи. Затоа, околу патувањата може да се зборува само после координацијата со соседните земји – рече Филипче.
На прашањето зошто на еден начин се „прескокнува летото“ и никој не го гледа како период во кој би можело да има пик на коронавирусот, министерот изјави дека сега, според сите проценки, ковид-19 ќе се префрла во јужната хемисфера.
– Не го прескокнуваме летото, но ова се смета за вирус кој е респираторен и според сите очекувања и претпоставки, тој сега ќе се префрли во јужната хемисфера и постои ризик да се врати на северната хемисфера на есен. Барем засега, така се движат предвидувањата – рече тој.