Колку повеќе тестови се прават, толку е поголема можноста за добивање на вистинската бројка на заразени. Македонија засега не го применува тој начин, што резултира со критики во јавноста за начинот на тестирање, но и поединечни сомнежи за политичка злоупотреба на тестовите, или со чуден феномен, во кој резултатите еднаш покажуваат присуство на корона, а другпат се негативни
Сѐ повеќе држави промовираат масовни тестирања за утврдување на бројот на заразени од коронавирус, што се смета за директен начин за справување со ширењето на вирусот. И Светската здравствена организација, под слоганот „Тестирај, тестирај, тестирај“, уште пред еден месец посочи дека треба да се тестира секој сомнителен случај, кој доколку е позитивен, треба да се изолира, да се открие со кого бил во контакт пред да се развијат симптомите и да се тестираат и тие луѓе.
Стратегијата за масовни тестирања може да ги отстрани и сомнежите што се јавyваат во светот за веродостојноста на тестовите. Колку повеќе тестови се прават, толку е поголема можноста за добивање на вистинската бројка на заразени.
Македонија засега не го применува тој начин, што резултира со критики во јавноста за начинот на тестирање, но и поединечни сомнежи за политичка злоупотреба на тестовите, или со чуден феномен во кој резултатите еднаш покажуваат присуство на корона, а другпат се негативни.
Дали случајот со позитивните резултати на тестовите за присуство на коронавирус кај Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово, и кај Горан Стојановски, раководител на Регионалниот центар за управување со кризи, кои и по дополнителните тестирања тврдеа дека се негативни, отвора сериозен сомнеж за доследно почитување на постапките при тестирањето.
Во јавноста веќе се шпекулира и за можна политичка злоупотреба, со оглед на тоа дека Димитиревски изминатиот период беше во отворен судир со централната власт за начинот на кој таа се справува со заразата во Куманово. Тој оваа недела лично тврдеше дека лицата задолжени за заштита од коронавирус ја лажеле јавноста.
Овие два случаи не се единствени, зашто изминатиот период имаше многумина што тврдеа дека направениот тест еднаш им покажал дека се позитивни на вирусот, а по вториот пат добивале негативни резултати.
Ваквите случаи неколкупати досега ја отвораа дилемата за веродостојноста на тестовите. Надлежните здравствени власти, освен образложение дека тестовите се сензитивни, не понудија никаков конкретен одговор зошто се случува ова.
Во светската јавност исто така постои сомнеж за валидноста на тестовите. Имаше случаи кога некои европски држави вратија тестови донирани од Кина поради тоа што не ги задоволувале потребните критериуми.
Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово, вчера не сакаше дополнително да ја коментира ситуацијата, посочувајќи дека останува на напишаното на својот фејсбук-профил.
– Сакам да ве информирам дека вчера заедно со сопругата, почитувајќи ги сите безбедносни протоколи и процедури, направивме тестирање на ковид-19 на сопствена сметка во неколку релевантни лаборатории во државата, наедно претходно и тестирање од страна на ЦЈЗ – Куманово на сите членови од моето семејство. Сите тестови се негативни. Од епидемиолошката служба при ЦЈЗ – Куманово побарав да ги разгледа резултатите од тестирањата, по потреба да го повтори тестирањето и итно да достават барање за укинување на решенијата за самоизолација за мене и членовите на моето семејство и сите мои контакти посочени во епидемиолошката анкета.
Се надевам дека моето барање ќе биде итно разгледано и реализирано во рамките на процедурите, бидејќи, покрај негативните тестови, мојата здравствена состојба и на семејството е добра и не постојат никакви симптоми ниту показатели на инфекција од ковид-19, со цел да се вратам на секојдневните работни обврски и заедно со мојот тим во ОШЗС да продолжам со борбата против епидемијата во нашиот град и држава. Ги отфрлам сите обвинувања околу мојата наводна позитивност, анатемата мора да се тргне – напиша Димитриевски на Фејсбук.
Сличен став има и Стојановски, раководителот на Регионалниот центар за управување со кризи, кој на социјалните мрежи објави дека има два негативни теста, притоа изразувајќи надеж дека лабораторијата при Институтот за јавно здравје при прегледување на неговите брисови има направено превид или случајна грешка и дека не сака ни да помисли дека заднината е нешто сосема друго.
– По осум дена од доставата на решението подготвено од Државниот санитарен и здравствен инспекторат од 16.4.2020 година, во кое се вели дека сум лабораториски потврден случај позитивен на ковид-19, кому му се одредува лекување и изолација во домашни услови во траење од 14 дена и до добивање два последователни негативни резултати од овластена лабораторија, со тестовите што на 22.4.2020 година ги имам направено и двата се негативни.
Се убедувам себеси, а уште повеќе сакам да верувам дека лабораторијата при Институтот за јавно здравје при прегледувањето на моите брисови има направено превид или случајна грешка, но не сакам ни да помислам дека заднината е нешто сосема друго, кое по некаква потреба го прави позитивен мојот резултат.
Зошто, пак, го говорам сето ова? Побудата не е од причина поради страв од жигосување или стигматизација кон мене, ниту пак чувствувам потреба да седам дваесетина дена дома покрај семејството, а сето тоа да ми биде платено од државната каса. Напротив, потребата од свесноста да укажам на можните грешки е поголема од сѐ друго, потребата од сознанието и просветленоста кон другите да укажам на фактот дека се работи за луѓе, а не за бројки, да го поттикнам чувството на одговорност кон сето она што го правиме и говориме, затоа што на крајот на денот народов наш напатен сигурноста ја бара во сите нас од кои зависи неговата иднина – пишува Стојановски.
Минатата недела, еден ден по средбата што Димитриевски ја имал со министерот за здравство Венко Филипче, техничкиот премиер Оливер Спасовски и други членови од државниот кризен штаб, добил известување дека е позитивен на коронавирусот, иако се тестирал неколку дена претходно. Тој наводно позитивен тест беше причина Димитриевски да мора да замине во карантин, како и другите присутни министри и членови на кризниот штаб.
Епидемиологот Никола Пановски вели дека различни лаборатории во земјава користат различни тестови.
– Сите тие тестови се регистрирани од земји во Европската Унија, Америка или Јапонија. Така нивната релевантност е потврдена. Исто така се прави и со лековите. Постојат многу причини зошто тестовите покажуваат различен резултат. Во овој случај најголемиот проблем настанал зашто членовите на кризниот штаб во Куманово се тестираа надвор протоколите на алгоритмите за тестирање – посочува Пановски.