Ширењето на вирусот ковид-19 зема сè поголем замав низ светот, а повеќето земји преземаат крајно ригорозни мерки за да спречат вирусот да зарази што поголем број луѓе.
Последните денови во јавноста се појави и информацијата дека Македонија би можела да прогласи и вонредна состојба ако дојде до зголемување на бројот на инфицирани.
– Од аспект на моменталната ситуација, верувам дека ќе нема потреба да се прогласува вонредна состојба. Сепак, и таа опција е отворена доколку се наметне потреба од тоа. Во случај како сега, кога парламентот е распуштен, вонредна состојба може да прогласи и претседателот на државата. Во таков случај, одлуки со законска сила носи Владата – истакна вчера претседателот на државата Стево Пендаровски.
Тој додаде дека можно е да се прогласи кризна состојба на дел или на целата територија на земјата и дека за тоа ќе се расправа в понеделник на состанок на Советот за безбедност, по што ќе се знае какви нови препораки ќе бидат предложени.
– Нема да има полициски час. Ако се донесе вонредна состојба, владее Владата со носење уредби. Пратениците тука не се прашуваат. Сепак, јас верувам дека тоа нема да се случи – истакна Пендаровски, притоа додавајќи дека клучот за справување со оваа состојба е 100-отстотно почитување на дадените препораки за заштита од вирусот.
Македонскиот претседател уште нагласи дека не е потребна паника, туку подигнување на нивото на култура кај граѓаните овие месец до два.
– Барем во овој период партиите да заборават на партиската реторика – порача Пендаровски, изразувајќи личен став дека можеби би било добро изборите да се одложат за некој месец.
– Ова е ситуација без преседан. И ако се одложат изборите за некој месец нема да биде крај на светот… Здравјето на граѓаните треба да биде на прво место – рече Пендаровски.
Инаку во согласност со членот 125 од Уставот на државата, вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии.
Во членот 126 се посочува дека при постоење воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.
Вчера бугарското Националното собрание итно го прифати предлогот на Владата за воведување вонредна состојба во земјата поради ширењето на коронавирусот. Вонредната состојба во Бугарија ќе трае до 13 април.
Властите во Албанија донесоа одлука привремено да ја затворат границата со Косово, како дел од превентивните мерки против ширење на коронавирусот.
Под слоганот „Остануваме дома“, министерот за здравство на Грција, Василис Кикиљас, преку неговите профили на Твитер, Фејсбук и Инстаграм, започна кампања на социјалните мрежи за да се спречи ширењето на коронавирусот.
Од средината на оваа недела, во Србија се забранети сите јавни собири за над 100 луѓе во затворени простории, 44 помали гранични премини се затворени, забранет е влез за странски државјани, кои доаѓаат од жариштата на коронавирусот, но образовните институции сè уште работат.