Македонските пензионери и пандемијата

Во услови на пандемијата на ковид-19, од страна на Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија, комуникацијата со здруженијата на пензионери се одвива на соодветен начин, условен со постојната состојба наметната од коронавирусот. Убедена сум дека сите препораки што ги достави Сојузот и надлежните органи доследно ги применувате во вашето здружение.
Од комуникацијата со здруженијата на пензионери се добиваат информации дека здруженијата и во овие услови се активни на соодветен начин. Основен предуслов како да им помогнете на своите членови пензионери е неминовната соработка на здружението со општината и Црвениот крст, во користење на услугите на мобилните тимови што треба да се достапни до пензионерите на вашето здружение.

Одделни здруженија тие телефони ги имаат објавено на своите веб-страници, како и на видливи и достапни места. Со лично контактирање по телефон со пензионери за кои здруженијата имаат евиденција дека живеат сами и ним им е потребна помош (набавка на дезинфекциски средства и друг вид намирници), може да подготвите списоци со кои ќе им помогнете и да ги поврзете со тимовите. Така е во здруженијата во Вевчани, Прилеп, Тетово, Чаир, Охрид, Центар и Гази Баба во Скопје и во други, каде што се делат ваучери, пакети и друг вид помош на пензионери со ниски пензии, на кои им се даваат и услуги во домашни услови и надвор од домот.

Исто така, еден дел здруженија остваруваат и свои оригинални активности, кои се за почит, а за пример е ЗП-Штип, каде што пензионерки активисти на волонтерска основа направиле 2.000 маски, кои им ги поделите на штипските пензионери. Верувам, дека на свој начин и во границите на своите можности постапуваат и другите здруженија.
Заслужува да се истакне дека во нашата држава има 114.503 корисници на пензија што примаат пензија до износ од 11.863 денари, а на 65 проценти од вкупниот број корисници на пензија им се исплатува пензија до просечниот износ, кој изнесува 15.298 денари. Затоа, со самопомагањето на здружението на своите членови во време на пандемија преку социјално-хуманитарни и друг вид активности, покажуваме дека солидарноста и заемноста се присутни во здруженијата и сознанијата од остварената комуникација со вас, што покажува дека и во оваа ситуација вие ширите позитивна енергија.

Бројот на корисници на пензија во Републиката, според податоците на Фондот на ПИОСМ, изнесува 323.455, со состојба февруари 2020 година.
Факт е дека пензиите во Македонија редовно се исплатуваат, а просечната пензија исплатена за февруари 2020 година изнесува 15.298 денари. Просечната плата на сите вработени во државата, според податоци од Државниот завод за статистика, исплатена за јануари 2020 година изнесува 27.570 денари, а учеството на просечната пензија исплатена во февруари 2020 година во однос на просечната плата исплатена во јануари 2020 година изнесува 55,54 проценти.
Еве и некои други податоци.

Графиконот го покажува бројот на пензионери во однос на бројот на вработени во опкружувањето. Тој однос е највисок во Македонија и изнесува 1: 1,8.
Во некои земји, поради пандемијата на ковид-19, граѓаните добија финансиска помош од државата. Во тие мерки на разни начини беа вклучени и најстарите жители, пензионерите.
Црна Гора: Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на пензионерите со најниска пензија им исплати еднократна парична помош во износ од 50 евра.
Србија: На сите пензионери им даде по 4.000 динари (околу 35 евра), а градот Белград им подели 173.000 пакети на тие со помали пензии.
Словенија: Пензионерите со пензии под 700 евра ќе добијат помеѓу 130 и 300 евра.
Хрватска: За Вeлигден ќе подели по 100-500 кн (65-100 евра).

Од наведените податоци, во споменатите држави пензиите се исплатуваат во висина на стекнатото право, потпомогнати со дополнителни средства и друг вид помош. Во нашата држава на корисниците на пензија во досегашниот период на пандемијата им помагаат одделни општини, Црвениот крст и здруженија на пензионери според своите можности.
На крајот, уште еднаш апелирам дека вие како претседатели на здруженијата можете многу да им помогнете на сите ваши членови пензионери со доследно почитување на сите мерки за заштита, како и со наоѓање начини и можности да си помогнеме самите себеси во овие тешки моменти.


                 Приближен Просечна               број на пенз. пензија во евра

Словенија   680.000                                       657.99
Хрватска    1.250.000                                     377.00
Србија       1.800.000                                      224.00
Македонија 323.455                                        248.00
Црна Гора  120.000                                         272.00

 

Авторката е претседателка на Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија