Државниот пазарен инспекторат покрај контролите на угостителските објекти и на трговците со одлука на Влада е задолжен да ги контролира и замрзнатите цени на одредени производи.
Претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска-Грашкоска информираше дека во периодот од 23-27 март Државниот пазарен инспекторат во соработка со инспектори од Управата за јавни приходи направил вкупно 928 надзори на цените.
– Во периодот од овие четири дена кај над шеесетина трговци е утврдено покачување претежно на цената на лимоните и истите по укажувањето ги вратија старите цени од 11 март – соопшти таа.
Истовремено кажа и дека има голем број неосновани пријави за зголемени цени на лимони кај одредени трговци.
– Со оглед на тоа дека располагаме со ограничен број на инспектори замолуваме пријавувањето да се прави само кога навистина има реални непочитувања на владините мерки – рече претседателката на Инспекцискиот совет.
Таа додаде дека во текот на овие четири дена (од 23-27 март) шест Инспекторати спровеле вкупно 7.633 надзори во различни сектори низ цела држава со цел да се гарантира почитувањето на мерките и препораките на Владата за заштита од коронавирусот.