Во пресрет на денешната лидерска средба, на која една од клучните точки треба да биде одредувањето термин за одржување на изборите, „Нова Македонија“ анализира кои се позициите на политичките субјекти, но и ставовите на другите релевантни тела и органи. Специфичноста на овие избори, кога и да се одржат, е и во однос на дополнителните мерки што треба да се преземат, а во игра се шест изборни сценарија
ДЕНЕСКА НОВА ЛИДЕРСКА СРЕДБА КАЈ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ДРЖАВАТА
Во пресрет на денешната лидерска средба кај шефот на државата Стево Пендаровски, партиите од власта и од опозицијата, но и неколку државни институции, излегоа со своја процена кога би бил најповолниот термин за одржување на предвремените парламентарни избори. Разликите во ставовите на политичките субјекти, како и аргументите со кои се бранат истите тие, се видливи, па дури и дијаметрално спротивни. „Нова Македонија“ анализира кои се позициите на политичките субјекти, но и ставовите на другите релевантни тела и органи, поврзани со можниот датум за изборите.
Политикологот Синиша Пекевски, коментирајќи ги актуелните настани поврзани со тоа кога и на кој начин би требало да се одржат претстојните избори, истакнува дека терминот за сите чинители во државата најверојатно се носи од гледна точка на политички интерес, а здравјето на граѓаните се фрла во заднина.
– Никогаш во земјава, па дури ни сега, здравиот разум не е тој што одлучува кога би требало да имаме избори. На крајот од денот, партиските математики се оние што го имаат пресудниот збор за ова исклучително битно прашање во земјава – вели Пекевски.
Тој лично смета дека терминот не би требало да биде во скоро време, бидејќи ниту животот ниту економијата не се вратени во нормала, а тоа може многу да се одрази на резултатите од гласањето на овие избори.
Пекевски советува дека оваа одлука во наредниов период треба да се донесе врз аргументи и врз логика, а политикантството треба да биде заборавено.
Политички аналитичар Алберт Муслиу смета дека на избори мора да се оди, бидејќи, според него, ние сме една од ретките држави во светот што се без функционален парламент и држава што добро се справи со пандемијата.
– Ние укажувавме дека ќе имаме остра кампања и пред пандемијата и кај албанските политички партии никој не може да го предвиди резултатот. Бројот на гласачите што поради ковид-19 се вратија во Македонија е голем и тоа може на крајот да одлучи за победникот – додава Муслиу.
Универзитетскиот професор Никола Дујовски вели дека нема потреба да се „убедуваат граѓаните“, туку да се определи термин за избори, па кој сака нека гласа, а кој не сака, вели тој, нека остане дома.
– Ние сме пред исклучително големи предизвици и да не создаваме непотребна паника, оти ако Комисијата за заразни болести каже дека нема потреба од полициски час, дека може граѓаните слободно да се движат, не гледам никаква причина да не се организираат изборите – вели Дујовски.
Во меѓувреме во игра се шест можни сценарија поврзани со идниот датум за изборите.
СДСМ и коалицијата го предлагаат 14 јуни
Владејачката СДСМ и нејзината коалиција предлагаат изборите да се одржат на 14 јуни. Претседателот на партијата, Зоран Заев, по состанокот со коалициските партнери, истакна дека се потребни кредибилни институции со полн капацитет за справување со кризата. За СДСМ средината на јуни е најповолен термин и поради стравувањата од нов бран на коронавирусот од септември. Лидерот на партијата смета дека во ситуација кога интензитетот на кризата се намалува, изборите треба да се одржат, бидејќи во такви услови нема загрозување на здравјето на граѓаните. Тој рече дека на државата ѝ се потребни избори веднаш штом ќе се создадат услови за нивно одржување, а во моментов охрабрува тоа што мисијата на ОДИХР најавува дека може да се организира и да следи набљудувачи, а и други држави не случајно одат на избори во овој период.
ВМРО-ДПМНЕ тактизира со датумот
Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека во моментот изборите не се прв приоритет на партијата. Најважно е здравјето на граѓаните. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски посочи дека, според правните норми, по завршувањето на вонредната состојба се потребни шеесетина дена за да се организираат изборите и рече дека се надева оти за датумот на изборите ќе се постигне консензус со другите политички партии.
ДУИ го поврзува терминот со меѓународните набљудувачи
Во албанскиот табор на партии, слично како во македонскиот, има разногласија кога треба да се одржат изборите. За оваа цел ДУИ испорача два услова според кои партијата смета дека ќе можат да се одржат изборите, но притоа не спомена конкретен датум. За ДУИ може да има избори кога ќе биде безбедно за здравјето на граѓаните и кога ќе има набљудувачи од ОБСЕ/ОДИХР.
Венецијанската комисија има свој рок
Венецијанската комисија смета дека е најдобро да се организираат избори во одреден рок по престанокот на вонредната состојба. Оваа своја констатација Венецијанската комисија ја темели на примерот на досегашните слични искуства во Грузија и во Турција и наведува дека „избори треба да се организираат дури по истекот на 60 дена од денот кога престанала вонредната состојба, затоа што изборите бараат мирна политичка атмосфера и целосно почитување на сите слободи и човекови права“. Тоа практично значи дека ако нема ново продолжување на вонредната состојба, избори најрано би можеле да се спроведат по 16 јули оваа година.
Со оглед тоа што недела е 19 јули, тоа би бил терминот во кој треба да се одржат македонските парламентарни избори.
Се чека ставот на здравствените власти
Одлуката за датумот на изборите ќе треба да се донесе врз основа на стручните анализи на Комисијата за заразни болести, препорачуваат здравствените експерти. Министерот за здравство Венко Филипче, пак, вели дека во однос на изборите ќе останат внимателни за тоа што ќе препорачаат здравствените експерти, a препораката ќе се темели врз основа на бројките на пациентите и анализата на случаите.
Премиерот Оливер Спасовски неодамна соопшти дека одлуката за изборите пред сѐ ќе се базира на интересите на државата и на граѓаните, притоа оставајќи ги настрана сите политички интереси што ги имаат, и ќе биде детерминирана од развојот на здравствената криза.
Разногласие и во ДИК за датумот
Точниот датум кога треба да се одржат изборите е тема на која има поделени ставови и меѓу членовите на Државната изборната комисија (ДИК). Според претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, одржувањето на изборите по здравствените препораки за физичка дистанца од два метри и под маски ќе биде тешко да се изведе за брзо време, токму затоа е потребно да не се брза со датумот за избори.
Од друга страна, спротивно размислува Борис Кондарко, членот на Комисијата, по предлог на СДСМ. Според него, изборите може да се одржат уште во првата недела од јуни.
Со маски и со топломер пред гласачките места
Доколку денеска политичките лидери на средбата кај претседателот договорат термин за избори, сепак, многу работи ќе останат нејасни за начинот на нивното спроведување во услови на пандемија и со мерки за заштита од ширење на опасниот вирус. Познавачите на случувањата прашуваат како ќе се гласа со маски, како ќе се држи физичка дистанца, дали гласањето ќе се одржи во затворен простор, како гласачите да се препознаат во личните карти ако носат маски, колку е безбеден и дезинфициран гласачкиот материјал, користењето на едно исто пенкало итн.
Претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски, вели дека тие чекаат насоки од здравствените власти за да го организираат изборниот процес. Но и сега е јасно дека ќе треба реорганизација, затоа што, како што вели Деркоски, на пример за претходните изборни процеси се изнајмуваа околу 700 приватни објекти во кои се гласа, кои вообичаено се мали, па сега ќе треба да се бараат поголеми. Претседателот на ДИК додава и дека поголеми гласачки објекти ќе требаат поради доволно голем простор во кој и членовите на избирачките комисии ќе имаат можност да ја одржуваат потребната физичка дистанца од два метра.
– Понатаму ќе треба дополнително да ангажираме луѓе, како на пример луѓе за пред влезот на избирачкото место што ќе мерат температура, потоа некои што ќе се грижат за дезинфекцијата. Во ситуација кога во нормални услови за избори ангажираме околу 35.000 луѓе, замислете уште колку би требало да ангажираме сега. Јасно е дека сето ова дека ќе го отежне процесот и веројатно ќе влијае на одзивот – вели Деркоски.