Стравот лозјето го чува, рекле старите. Дали по оваа максима се водат и некои од македонските граѓани во овој кризен период, кога секојдневно расте бројот на заразени, но и на починати од коронавирусот во државата? Во вакви околности, сѐ повеќе граѓани стануваат сѐ попретпазливи, за да не се заразат со вирусот, до степен што создава дури и необични ситуации. Стравот, кој веројатно е длабоко навлезен, кај луѓето почнува да манифестира постапки што повеќе личат на некаков куриозитет, отколку на неопходни постапки.
Сѐ почесто на социјалните мрежи и во комуникацијата меѓу луѓето може да се дознаат чудни „методи на заштита“, или куриозитети, што ги практикуваат граѓаните.
Можеби за некого ќе звучи чудно, но претпазливоста е толку голема, што одредени луѓе овошјето и зеленчукот што ги купуваат, ги мијат со антибактериски сапуни и средства за дезинфекција. Има случаи кога луѓе не купуваат марули или сличен вид зеленчук затоа што процесот на миење со дезинфекциски средства им претставува проблем. Понатаму, темелно се мијат и дезинфицираат и ќесите во кои се ставаат продуктите.
Речиси нормална станува процедурата кваките од вратите да се пребришуваат со дезинфекциски средства при секој допир, или пак сето она со кое имаат контакт. Се користат и други чудни и необични методи, како УВ-ламби, медицински алкохол и други начини за стерилизација и дезинфекција на сѐ и сешто. Целата оваа процедура може да биде стресна и исцрпувачка.
Иако голем дел граѓани се свесни дека тоа што го прават е веројатно непотребно, сепак велат дека така се чувствуваат сигурно.
– Ништо дома не влегува ако не е пребришано со дезинфекциско средство. Краставици, домати, моркови, компири, разни пакувани производи, сето тоа прво се мие со сунѓер и сјај, па потоа се користи за употреба – вели скопјанката Марија Божиновска.
Сепак, стручните лица велат дека во обидот за заштита не треба да се претерува, затоа што тоа може да има контраефект. Особено кога станува збор за храна, треба да се има предвид дека дезинфекциските средства наедно може да бидат и отрови за човекот.
– Секој свесен човек знае дека овошјето и зеленчукот пред употреба се мијат со млаз вода, пред сѐ за да се отстранат какви вило хемикалии што можеби се задржале во процесот на одгледување, и тоа е сосема доволно за да се задржи нивото на безбедност. Добро е да се биде претпазлив, но не да се претерува, бидејќи тоа може да предизвика и други последици по здравјето на луѓето – велат стручните лица.
Ваквиот начин на однесување кај луѓето е причина повеќе да се анализира оваа состојба и од психолошки аспект. Што е она што луѓето ги тера на такво нешто? Стравот, паниката или, пак, нешто друго?
Психологот Мирјана Јовановска Стојановска вели дека целата оваа состојба со коронавирусот, со мерките што се спроведуваат во земјава, е новонастаната ситуација, која кај сите создава различни реакции и начини на дејствување.
– Појавата на стравот и загриженоста се нормални во состојба кога е загрозен животот на еден човек и на неговите блиски. Да се живее во страв и во правење прекумерности е непријатно. Затоа, секој од нас прво треба да е соодветно и правилно информиран за сите детали за овој вирус. Треба само да ги почитуваме правилата на Светската здравствена организација. Тогаш стравот ќе се намали, пред да прерасне во паничен напад – посочува психологот.
Инаку, најчесто поставувано прашање од граѓаните е дали можат да заболат од коронавирус на друг начин, преку контакт со прехранбени продукти или јадење или храна ракувана или приготвена од други. Според препораките на епидемиолозите, тоа сѐ уште не е ниту потврдено ниту докажано.