Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, соопшти дека вчера со сопругата направиле тестирање на коронавирус во неколку лаборатории, а резултатите од тестовите биле негативни. Тој посочи дека станува збор за релевантни лаборатории во државата, но не кажа кои се тие.
– Заедно со сопругата, почитувајќи ги сите безбедносни протоколи и процедури, направивме тестирање на Ковид-19 на сопствена сметка во неколку релевантни лаборатории во државата, а воедно претходно и тестирање од страна на ЦЈЗ Куманово на сите членови од моето семејство. Сите тестови се негативни – пишува Димитриевски.
Тој бара Центарот за јавно здравје да ги разгледа резултатите од тестирањата, ако треба, да го повтори тестирањетo, и веднаш да му ги укинат решенијата за самоизолација.
– Итно да достават барање за укинување на решенијата за самоизолација за мене и за членовите на моето семејство и за сите мои контакти посочени во епидемиолошката анкета. Се надевам дека моето барање ќе биде итно разгледано и реализирано во рамките на процедурите бидејќи, покрај негативните тестови, мојата здравствената состојба и моето семејството се добро и не постојат никакви симптоми, ниту показатели на инфекција од ковид-19, со цел да се вратам на секојдневните работни обврски и заедно со мојот тим во ОШЗС да продолжам со борбата против епидемијата во нашиот град и државата. Ги отфрлам сите обвинувања за наводниот мој позитивен тест на коронавирусот, анатемата мора да се тргне. Посакувам брзо закрепнување на сите мои граѓани, кои во моментот се борат со болеста, а на сите други – да ги почитуваме мерките и да држиме социјална дистанца – додава Димитриевски.