На денешниот состанок на Општинскиот кризен штаб во Битола е заклучено дека во справувањето со пандемијата е неопходно потребно континуираното превентивно делување, одговорно однесување од страна на граѓаните и зајакната контрола од страна на надлежните инспекторати и СВР Битола за почитување на мерките.
Општинскиот кризен штаб донесе заклучок дека во следниот период надлежните институции треба да продолжат како и досега, интензивно да работат на терен, а општина Битола во координација со Советот за превенција, општинската организација на Црвен крст Битола и Дирекцијата за заштита и спасување, ќе продолжат со своето информативно, едукативно и превентивно делување.
Јавното претпријатие „Пазари“ и понатаму бесплатно ќе дели заштитни маски, за купувачите кои доаѓаат без соодветна заштитна опрема во пазарите, со цел да се овозможи доволна заштита на населението во општината, особено во овој дел каде има зголемено движење.
Досегашните случаи на коронавирус во регионот, покажуваат дека случаите потекнуваат од одредени кластери, во кои лицата меѓусебно се поврзани.
– Ковид 19 е реалност, а понатамошната ситуација зависи од однесувањето на граѓаните, при што секое невнимателно социјално здружување, претставува одреден ризик. Поради тоа, неопходно е во институциите строго да се почитуваат сите мерки и протоколи за заштита, а граѓаните да одржуваат редовна хигиена на рацете, да носат заштитна маска и да ја почитуваат социјалната дистанца – се нагласува во денешното соопштение на Општинскиот кризен штаб Битола.
М.М.