На денешната седница на Кризниот штаб во Битола е заклучено да се почитиваат мерките за заштита од пандемијата и да не се кријат контактите. Според информацијата на директорката на Центарот за јавно здравје, Елизабета Крстева, минатата недела во Битола е забележано мало зголемување на бројот на заразени лица со ковид-19, но сѐ уште не може да се зборува за состојба на геометриска прогресија во градот.

– Присутна е појава на асимптоматски случаи, а возрасната граница кај заболените во Битола се спушта, така што заболуваат и сограѓани на возраст помеѓу 20 и 30 години – вели Елизабета Крстева.

Имајќи ги предвид претходно споменатите факти, ваквата состојба мора да ја подигне свеста и совеста кај граѓаните и сите тие да се однесуваат согласно препораките и протоколите за заштита од ковид-19.

– Задолжителното носење на заштитна маска, одржувањето на редовна хигиена на рацете и држењето на социјална дистанца, се клучните мерки согласно кои мораме секојдневно да функционираме. Нивното непочитување, криењето на контактите со други лица од страна на заболените од коронавирус, како и непочитувањето на изречените мерки за самоизолација, претставуваат кривични дела против здравјето на луѓето, кои придонесуваат за пренесување на заразната болест, како и непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, што соодветно е регулирано во членовите 205 и 206 од Кривичниот законик – беше заклучено на седницата на Кризниот штаб. 

Исто така беше истакнато дека во следниот период треба да се засилат контролите од страна на СВР Битола, како и од општинскиот комунален инспекторат, а согласно законската регулатива, секое непочитување да биде соодветно санкционирано, заклучија на седницата на Кризниот штаб.

М.М.