Кривичната пријава против кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски денеска пристигнала во Основното јавно обвинителство Куманово. Пријавата која вчера ја потврди министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев е поднесена поради непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.
Димитриевски синоќа на социјалните мрежи напиша дека кривичната пријава е класична злоупотреба на инструментите на власта и праша дали на повидок е нов режим.
– Кривична пријава? Класична злоупотреба на инструментите на власта. Легитимна постапка со независни и непристрасни професионалци ќе ја покаже вистината. Навикнат сум на борба. И понатаму со ист интензитет заедно со истомислениците ќе продолжам да се борам. Во минатото се борев против режим. Дали е на повидок нешто слично? Мојот приоритет во овие моменти е борба против епидемијата и здравјето на граѓаните. Правдата и вистината секогаш победува – напиша Димитриевски.
СДСМ се огради од неговите коментари, истакнувајќи дека законите треба да важат за сите подеднакво, а институциите да постапуваат согласно законите.
– СДСМ се оградува од ваквите изјави на Максим Димитриевски и од неговото однесување во последните денови. Владата предводена од СДСМ останува целосно посветена на здравствената состојба и во Куманово и секако на територијата на Република Северна Македонија. Изјавите за тоа дали наликувало на режим или слично со сигурност нема да ги спречат институциите да постапуваат и дејствуваат согласно законите за што и самиот Максим Димитриевски е свесен дека во нашата држава законите важат еднакво за сите – рече Костадинов.