Предметите за сторени прекршоци или кривични дела сторени како непочитување на уредбите со законска сила донесени во време на вонредната состојба, по самата содржина, налагаат итно постапување. Во тој дух, нецелисходно е судско процесирање со екстензивен рок, имено откако ќе бидат надминати причините за воведување вонредна состојба. Во тој контекст, смислата на одредбата што е прекршена и изречената санкција во вонредна состојба нема да биде надмината, а репресивната мерка би имала и општа превентивна логика
(Не)почитувањето на мерките за заштита и санкционирањето за време на вонредната состојба
Вонредната состојба, како мерка што се спроведува веќе две седмици, сама по себе, во делот од извршувањето ја стави во прв план законската одредба „непостапување според здравствените прописи во време на епидемија“, односно санкциите што произлегуваат од неа. Во практиката се покажа дека тоа најчесто значи казнување поради непочитување на мерката за ограничување на времето за движење, т.н. полициски час, но и прекршување на одредената мерка за самоизолација на лица што се вратиле од странство.
Примери за издвојување и реакција на надлежните органи
Веројатно најдрастичен пример досега е оној на лицето со иницијали Ф.К., кое се однесувало спротивно од одлуките на Владата и ги прекршило мерките за самоизолација, а притоа заразило неколку други лица, со што придонело за ширење на епидемијата. За него МВР ќе поднесе кривична пријава, а дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска на прес-конференција информира дека станува збор за лице што на 8 март по полноќ влегло на граничниот премин Табановце во земјава. Тој, наместо да се придружува до прописите за заштита од ширењето на коронавирусот, слободно се движел, остварувал средби и заразил повеќемина.
– Осомничениот наместо да ги почитува прописите, се однесувал спротивно на одлуките и во континуитет остварувал средби со своите родители, братот, неговата пријателка, остварувал и средби во фирмата – рече Петровска.
И покрај најавите за поднесување кривични и прекршочни пријави, останува временската непрецизност за судското постапување со ваквите пријави.
– Предметите за прекршоци и кривични дела сторени како непочитување уредби со сила на закон донесени во време на вонредна состојба, по самата содржина, налагаат итно постапување. Бесцелно е да се судат на некој подолг рок, откако ќе бидат надминати причините за воведување вонредна состојба, односно ќе бидат надминати важноста и смислата на одредбата што е прекршена. Препорачливо е судовите да ги усогласат роковите за постапување во услови на вонредна состојба – вели поранешниот врховен судија Дане Илиев.
Уредба со законска сила за брзо решавање на предметите
За издвојување е дека Владата усвои уредба со законска сила за роковите во судските постапки за време на вонредната состојба за постапувањето на судовите и јавните обвинителства. Донесена е одлука да не застаруваат постапките за кривично гонење, односно во кривичните и во прекршочните постапки, роковите за изјавување жалба или приговор на одлуките со кои завршува постапката, како и за изјавување на вонредните правни лекови, престануваат да течат за време на вонредната состојба. Покрај тоа, со оваа уредба, издавањето на упатните акти за изречена казна затвор до три години се одложува до 1 септември 2020 година, освен за предмети каде што постои опасност за застарување на извршување на казната. Со уредбата е регулиран и мандатот на судиите поротници за време на вонредната состојба, т.е. на оние на кои мандатот им истекува за време на траење на вонредната состојба, по сила на оваа уредба тој им се продолжува до завршувањето на постапката по судскиот предмет. За судиите што евентуално би биле позитивни на коронавирус, Судскиот совет треба да им пронајде соодветна замена и судењата да продолжат.
Принципот на владеење на правото е неприкосновен
Иако е неопходно донесување уредби со сила на закон за регулирање на работата на судовите во време на вонредна состојба, останува дилемата како ќе се одрази тоа понатаму на владеењето на правото, кога состојбата ќе се нормализира.
– Во принцип, не би требало некако да се одрази на правдата и владеењето на правото. Со овие уредби само се регулира работата на судовите во време на вонредна состојба, а сите права на граѓаните и понатаму се запазени и не смеат да бидат нарушени – вели Дане Илиев.