Како што покажуваат податоците од МВР, само за време на викендов продолжениот полициски час го прекршиле околу 400 луѓе. Ваквото неодговорно однесување на поединци сѐ повеќе ги револтира и граѓаните и надлежните органи, кои мака мачат да го спречат ширењето на вирусот.
Но очигледно вирусот има и свои сојузници токму во ликот и делото на прекршителите на полицискиот час, кои со своето неодговорно однесување го доведуваат во опасност животот на сите граѓани
Сè поголем број граѓани ги прекршуваат рестриктивните мерки
Бројката од над 100 приведени речиси секој ден поради прекршување на полицискиот час говори за тоа колку некои граѓани несериозно ја сфаќаат заканата од зараза со вирусот ковид-19, донесувајќи го во опасност своето, но и здравјето на другите.
Како што покажуваат податоците од МВР, само за време на викендов продолжениот полициски час го прекршиле околу 400 луѓе, од кои безмалку 300 биле приведени.
Ваквите бројки се загрижувачки ако се земе предвид фактот за брзината на ширење на коронавирусот, како и многубројните непознаници со кои се соочуваат здравствените власти околу неговото однесување. Излегува дека огромниот број прекршители на ограничувањето на движење се и најголемите сојузници на вирусот.
Поради непримерното однесување на дел од граѓаните реагираат и оние што ги почитуваат мерките, но и полицијата, како и здравствените работници, истакнувајќи дека од однесувањето на сите ќе зависи колку долго ќе траат рестриктивните мерки.
– Навистина нема оправдување за прекршувањето на полицискиот час. Разбирам да е некој итен случај, да зависи човечки живот, па да мора да се оди во болница, но да се прекршува полицискиот час само за некој да си го мери егото е неприфатливо. Јас да сум некаква власт, наместо парични казни, би ги пратил таквите „фраери“ на работна акција во некој каменолом или на некое градилиште, малку пополезно да го потрошат вишокот енергија – вели Пецо Стојанов, пензионер.
Според него, неодговорното однесување на поединци само ќе придонесе за подолго траење на карантинот.
– Нормално дека тешко ми паѓа оваа вонредна состојба. Имаме по два-три часа во денот да ги завршиме сите обврски, да купиме продукти, да платиме сметки, а секаде има метеж и едноставно е невозможно да се функционира. И сега, кога ние сме се согласиле и на толку рестриктивни мерки, поединци да се изживуваат врз целото општество е навистина несериозно – револтиран е Стојанов.
Апели за почитување на полицискиот час упати и полицијата, истакнувајќи дека тоа е во интерес на зачувување на здравјето на граѓаните.
Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев вчера на својот фејсбук-профил им се заблагодари на граѓаните што го почитуваа продолжениот полициски час.
– Упатувам благодарност до оние граѓани што се свесни за предизвикот со кој се соочуваме сите и ги почитуваат одлуките на Владата за забрана на движењето и препораките за социјално дистанцирање – напиша министерот на фејсбук-профилот.
И здравствените работници се револтирани од несериозниот однос на поединци, кои секојдневно го прекршуваат полицискиот час и го загрозуваат здравјето на другите.
– Просто ми е несфатливо кога ќе чујам дека секоја вечер има 200-300 лица во државата што биле приведени затоа што не ја почитувале мерката за полициски час. Не е тоа голема храброст да излезеш на улица и да кажеш јас можам да шетам кога јас сакам. Штосот е кога некој е храбар и ќе остане дома и ќе каже дека ги почитува мерките. Тоа е големината на човечкиот ум – вели Жарко Караџовски, епидемиолог во Институтот за јавно здравје.
Тој додава дека мерките што ги предлага Владата се за универзално почитување и доколку населението се придржува до нив, тоа се најдобри можни мерки за спречување на ширење на вирусот.
– Ако ја избегнуваме социјалната дистанца, носиме заштитна опрема, медицинскиот персонал знае правилно да ја користи, едуциран е за ефектите на таа заштитна опрема, а народот е свесен за она што ни се случува и ни дава максимална поддршка во нашите напори, ми се чини дека херој треба да биде целото население… Целото население треба да биде херој со самото тоа што ќе ги почитува овие мерки – порача Караџовски.