Во изминатото деноноќие додека на сила беше полицискиот час, три лица од Кичево не ја почитувале забраната за движење во време на спроведување на мерки за ограничено движење и заштита на граѓаните од ковид-19. Тие се приведени и против нив ќе биде спроведена соодветна кривична пријава.
Во истиот период од страна на полициски службеници, во општина Кичево се извршени 24 контроли врз лица во самоизолација, додека во истиот период во општината не се пријавени нови лица за самоизолација.
Во овој период извршени се и контроли врз повеќе угосителски објекти и таму како и во претходниот случај не се регистрирани неправилности. Во текот на ноќта не се забележани кражби ниту сообраќајни незгоди и нема нарушување на јавниот ред и мир.
Граѓаните на Кичево имаат цел нивниот град и општината и понатаму да останат без ниту еден регистриран случај на заразен од ковид-19. Токму од тие причини и самите се грижат да дадат што поголем придонес оваа состојба да не се промени.
– Сите ние сме бескрајно заинтересирани во нашиот град што подолго да нема заразени од опасниот коронавирус. Затоа во целост се придржуваме на мерките на Владата за носење заштитни маски, миење на рацете и придржување на полицискиот час. Се надеваме дека овие добри вести од нашиот град ќе потраат што подолго – велат Стојан и Петар, пензионери кои ги користеа последните моменти пред да стапи на сила забраната за движење на лица постари од 67 години. З.А.