МАСОВНИТЕ СОБИРИ – КАТАЛИЗАТОР ЗА ШИРЕЊЕ
НА ПАНДЕМИЈАТА
Митинзите, славењето на победниците од една страна и протестите на поразените од друга во изборниот период се класика како иконографија кај нас. Ако здравствениот аспект на корона-кризата има апсолутен примат, тогаш воопшто не е важно на јавните собири за кого се навива, за кого се слави, а за кого се протестира. Единствено е важно да се има предвид дека сите ние граѓаните се ставаме во реална животна опасност при евентуалното јавно изразување (овој пат не на верските) на партиско-политичките чувства, што ќе биде далекосежно погубно. И за граѓаните и за државата
Масовните собири ја зголемуваат можноста за повратен бран на новозаразени лица со ковид-19. Протестите во Америка се прелеаја и во Европа, односно во Франција, со што ризикот од ширење на болеста значително се зголемува. Деновиве има масовни јавни собири на кои не се носат заштитни маски, се собира маса народ и маршира без одржување физичка дистанца, а вирусот што ја предизвикува болеста ковид-19 се пренесува преку респираторни капки што се шират низ воздухот додека луѓето викаат, зборуваат, кашлаат или киваат.
Да ползуваме искуства за кај нас
Во Македонија треба да се случат избори, а периодот пред изборите, но и оној по изборите, е темпирана бомба поради собирањата на луѓето, па затоа мора исклучително многу да се внимава, предупредуваат здравствените експерти со кои поразговаравме.
Микробиологот проф. д-р Никола Пановски за „Нова Македонија“ вели дека собирите се опасни, бидејќи таму се случува директен контакт меѓу луѓето.
– На тие собири, луѓето се во директна комуникација, викаат, исфрлајќи честички. Тоа може и да се млади луѓе, но независно од тоа, ризикот од ширење на заразата е сериозен и постои. Ако се случат толку масовни протести, ќе биде опасно. Во секој случај, собирањата во периодот на предизборието треба да бидат забранети, како што се и сега забранети. Кај нас не е опасен самиот ден на изборите, туку она што е опасно се предизборните кампањи. Знаете дека кај нас мора некој да слави, а некој да протестира. Се сеќавате како беше пред неколку години пред Државната изборна комисија. Кога е власт во прашање, сѐ ќе заборават, нема ни мерки ни ништo да се почитува – смета проф. Пановски.
Потенцијални места за расејување на вирусот ќе има уште повеќе
Со оглед на тоа дека полицијата е поделена, професорот Пановски додава дека е можно ситуацијата да излезе целосно од контрола.
– Ќе има прес-конференции, многу луѓе на едно место на тие прес-конференции, ќе има задоволни и незадоволни од исходот од изборите. Имаме поделена полиција, која ќе казнува, односно нема да казнува. Опасни се деновите пред изборите, вечерта кога се слави и следните денови, кога на едно место ќе има повеќе луѓе. Па ДИК ќе заседава, па ќе има притисоци. Сето ова може комплетно да ја исфрли ситуацијата од колосек – додава Пановски.
Епидемиологот д-р Александар Стојанов смета дека апсолутно не е важно дали собирот е поттикнат од нечие несогласување со нешто, дали е протест, дали е Рамазан, крштевка, избори и слично.
– Важно е дека луѓето не треба да се собираат, независно дали на отворено или во затворена просторија. Еве, се случи славење во Охрид, се случи славење во Чаир, а гледаме и протести низ светот. Што се однесува до изборите кај нас, важно е да нема митинзи, тогаш ситуацијата би се држела под контрола. За самиот ден на гласање, ние дадовме препораки и тој процес нема да е ризичен. Важно е да нема голема концентрација на луѓе, независно дали е надвор или внатре – вели Стојанов.
Тој потсетува дека српските власти не се откажале од изборите, наедно ги олабавиле мерките, но дека за сметка на тоа, бројката на новозаразени лица почнува да им расте.
– Тие дозволија и да се одржуваат фудбалски натпревари, кои можат да ги гледаат до 5.000 публика. Но за сето тоа ја плаќаат цената со нови случаи, исто како што и ние ја плаќаме цената од однесувањето за Рамазан или она на оние во Охрид што славеа во огромен број, како и други случаи – додава д-р Стојанов.