Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во неделниот извештај за состојбата со коронавирусот во Македонија бележи намалување од 8,9 отсто на бројот на новозаразени од ковид-19 минатата седмица, во споредба со претходната. Вкупно 2.929 лица заболеле од ковид-19 во периодот од 15 до 21 ноември, што е за 288 помалку од периодот меѓу 8 и 14 ноември.
Најмногу новозаразени има во Скопје. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, а најзастапени се лицата над 60 години (23,3%). Најмалку заболени се регистрирани кај возрасната група од 0-9 години (3,6%). Според полот, 54,3 отсто од заболените се жени, а 45,7 мажи.
Минатата недела се тестирани се 19.791 лица, за 7,3 отсто помалку од претходната седмица. Процентот на позитивни тестови се движи од 11,6 до 16,9 отсто, а просечно 14,8. Кај сите секвенционирани примероци е докажан делта-сојот, како и присуство на различни нејзини сублинии. Сојот делта плус не е детектиран кај ниту еден од секвенционираните примероци.
Пријавен е 91 смртен случај, најмногу од возрасната група над 60 години (89%). Активни на ковид-19 се 8.290 лица, хоспитализирани се 495, од кои 330 се на кислородна поддршка и 14 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација. Минатата недела се евидентирани и 2 855 оздравени лица.
ИЈЗ регистрирал и 49 реинфекции, со што заклучно со 21 ноември пријавени се вкупно 870 реинфекции. Тој е 0,4 отсто од вкупниот број на досега заразени кој изнесува 212.375.