Инспекциските служби за време на викендот без ДДВ, ќе продолжат со интензивни контроли на терен во делот на почитување на здравствените протоколи, како и на цените на производите.
Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) ќе спроведува контроли со цел да се спречат можни манипулации со цените на производите, информираат од Владата.
– Конкретно, ДПИ ќе врши контрола дали цените на производите воведени во трговските книги на трговците соодветствуваат со истакнатите цени на производите. Паралелно со тоа, ДПИ ќе спроведува интензивни контроли во однос на почитување на здравствените ковид-протоколи во моловите и трговијата на мало (маркети, бутици итн.). Конкретно, дали во моловите се почитуваат мерките во делот на одржување физичко растојание меѓу купувачите и продавачите од 2 м, работното време, дали е обезбедена заштитна опрема (маски и ракавици), одржување ред за влез во продавниците, обезбедени средства за дезинфекција, редари, регулирање на бројот на купувачи во согласност со квадратурата на продавницата, ред при пробување во продавниците за облека, обeлежани места за чекање пред касите и друго.
Во делот на трговијата на мало, ќе се контролираат почитувањето на протоколите во однос на запазување на големината на објектот и дозволеното присуство на бројот на купувачи, заштитната опрема за вработените (маски и ракавици), редарската служба, соодветните ознаки за правец на движење. За непочитувањето на здравствените протоколи, предвидени се глоби во зависност од големината на трговците – се наведува во владиното соопштение.
Инаку, на последната владина седница се усвоија измените на Законот за заштита на населението од заразни болести со кои сите инспекциски служби ќе добијат нови поголеми овластувања за справување со прекршителите на ковид-протоколите.
Досега само Државниот здравствен и санитарен инспекторат имаше овластувања да изрекува мерки, а другите инспекциски служби само поднесуваа кривични пријави. Со новите законски измени вакво овластување за изрекување забрана за работа и прекршочен платен налог добиваат и Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Државниот инспекторат за транспорт и другите инспекторати на централно и локално ниво.