Министерот за здравство, Венко Филипче, посочи дека сè уште се чекаат резултатите на 16 пациeнти од Заводот за рехабилитација во Козле каде има заболени здравствени работници. Тој кажа дека сите кои имаат потреби од услугите кои ги нудел заводот, сега ќе ги добијат во болницата „8 Септември“.
Досега не се изработени резултатите од тестирањето на пациентот од Битола и жената од Лабуништа, која почина вчера на струшката клиника. Филипче најави дека резултатите ќе бидат дополнително соопштени.
– Мобилната болница е при крај. Завршен е доводот на греењето и ладењето, како и доводот на воздухот. Има слободен капацитет на клиниката за Инфективни болести. Во тек е надополнувањето на кадри согласно планот за ротација за поддршка на персоналот кој работи на Инфективната клиника – посочи министерот.
Во однос на болницата во Охрид, каде директорката беше разрешена, Државниот санитарен и здравствен инспекторат утврдил пропусти.
– Завршен е увидот од Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Утврден е пропуст и ќе бидат преземени сите мерки. Новиот директор ја презема целата болница и прави реорганизација – рече Филипче.