Министерството за здравство информира дека првата пациентка со коронавирус во земјава денеска заминува на домашно лекување. Таа била по вторпат тестирана по дијагностицирањето на вирусот според насоките и препораките на Светската здравствена организација.
Првиот случај на коронавирус во земјава беше потврден на 26 февруари. Заболената со комбе се вратила од Италија со симптоми на грип. Останатите патници и возачот на комбето поминаа 14 дена во карантин и сите беа негативни на коронавирус.
Министерството, исто така, соопшти дека здравствената состојба на пациентите позитивни на КОВИД-19 кои се лекуваат на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби е стабилна. Во стабилна состојба е и првата пациентка од Дебар која е на респираторна машина. Петте пациенти кои се лекуваат во дебарската болница се во добра здравствена состојба.
Во текот на ноќта нема нови лица тестирани на коронавирус, а во моментов се чекаат брисеви за тестирање на три лица од Дебар.
Во државава сега има 18 активни случаи на ковид-19.