„Логичен политички чин на политичарите, а целосно нелогичен за легалистите“… Тоа е ставот на правниците во врска со најавата во јавноста од страна на неколку политичари дека ќе има амнестија, односно помилување за делата и за сторените прекршоци во врска со уредбите на Владата за спречување на ширењето на вирусот
(Не)сериозни најави за амнестирање на прекршителите на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот
Возможно ли е сите казнети за непочитување на мерките за спречување на пандемијата да добијат амнестија, односно помилување за делата и за сторените прекршоци?! Ова дилема е актуелна изминатиов период кога во јавноста зачестија изјавите на некои политичари во оваа насока. Анкетата со повеќе граѓани на оваа тема покажа дека тие се вчудовидени од ваквите „срамежливи“ најави на повеќе јавни личности, високи партиски функционери и отвори низа прашања што, всушност, е причината за ваквата иницијатива и кој е интересот на тие поединци и општествени интересни групи да пуштаат вакви „пробни балони“. Мислењето и ставовите на граѓаните се движат од тоа дека станува збор за класичен предизборен политички маркетинг, па до тоа дека некој сака целосно да „си игра“ и да го дезавуира правниот инструмент помилување, и со тоа целосно да ги деградира правниот систем и функционалноста на државата.
Можноста дека ќе се разгледува на повисоко ниво помилувањето за сторителите на казнени дела и прекршоци за непочитување на мерките на Владата за спречување на пандемијата во јавноста ја најави претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, во телевизиско интервју. Тој отворено побара амнестија за сите што се казнети за непочитување на мерките поврзани со коронавирусот.
– Ние оценуваме дека во оваа кризна ситуација граѓаните тешко ги пребродуваат овие казни, добро е што повеќе да се држат до правилата, но мислам дека Владата треба да предложи амнестија за сите казни што се напишани досега затоа што има голем број граѓани што се казнети, истовремено ги повикувам да ги почитуваат владините мерки, тие се за доброто и здравјето на граѓаните.
Но ќе треба Владата да ги амнестира сите оние што се казнети, чии број е со илјадници. Амнестија за сите оние што се казнети во текот на оваа вонредна состојба било за прекршување на полицискиот час, било за други случаи на овие прекршувања што се направени не почитувајќи ја дистанцата затоа што во оваа кризна здравствена ситуација тоа има економски ефекти за државата и граѓаните. Граѓаните не треба да плаќаат 2-3 илјади со кои ќе се казнат затоа треба целокупна амнестија за сите што биле казнети во текот на оваа ситуација – рече Села.
Во изјава за медиумите за можноста да се разгледува помилувањето за сторителите на казнени дела и прекршоци за непочитување на мерките на Владата за спречување на пандемијата во јавноста, Елизабета Недановска, портпаролка на Јавното обвинителство категорично нагласи дека „обвинителите се против овие заговарања“.
Меѓутоа, некои правни експерти не се докрај сигурни дека толку лесно може да се отфрли предлогот за помилување, бидејќи „политиката секогаш, за жал, ќе го надвладее правото“. Правниците додаваат дека од своето искуство „заговарањата на политичарите доаѓаат многу рано и треба да се почека да заврши кризата“ и дека е „логичен политички чин на политичарите, а целосно нелогичен за легалистите“.
Дане Илиев, поранешниот претседател на Врховен суд, вели дека опцијата е возможна што ја предлагаат некои центри, но таа практично во овој момент е невозможна да се спроведе од технички аспект бидејќи немаме активен парламент, а за овој чин треба да се изгласа и закон за оваа намена по моделот на последните случувања.
Илиев сепак смета дека иако како можност е логичен овој чин, тој во моментов е контрапродуктивен на напорите на државата за ограничување на болеста и за минимизирање на штетите од коронавирусот.
– Ако со поголема динамика се заговара овој чин, тогаш ќе се охрабрат прекршителите повеќе да не го почитуваат законот и ние како земја ќе се најдеме во незавидна положба. Мојот личен став е дека треба да се почека да стивне пандемијата, да имаме активен парламент, а потоа од говорница да се дискутира за овие настани. Без разлика што ќе биде одлучено, сето тоа е една нова битка на правото и политиката, која ќе се одвива во подалечни времиња кога немилите случувања со пандемијата ќе бидат зад нас – резимира тој.
Во секој случај, не смее да се дозволи со политички игри и калкулации да се наруши принципот на владеењето на правото и да се прават обиди за поигрување или потсмевање со законските норми и уредби. Во минатото Македонија многу често беше доведувана во таква ситуација на надмоќ и доминација на политиката над правото. Така, заради остварување политички цели им се даде амнестија на припадниците на ОНА, добија амнестија пратеници и политичари за да гласаат за промена на името на државата итн. Сите овие примери фрлаат лоша слика за држава и ја уназадуваат во нејзините заложби за исполнување на стандардите на ЕУ, меѓу кои највисоко место заземаат владеењето на правото и правната држава.