И покрај тоа што битолчани, за разлика од прилепчани, не се многу познати како
големи мајтапчии, сепак деновиве, кога и Битола како и цела држава, живее во вонредна состојба и кога е воведен полциски час, некои неодговорни граѓани од градот под Пелистер се обидуваат со пласирање на лажни вести, или играње скриена камера, да предизвикаат внимание кај јавноста.
Чудно е што сето тоа се прави во време кога најголемиот број граѓани и семејства
се загрижени за својот живот и кога државата е во вонредна состојба и на сила е
полициски час. Имено, деновиве некој неодговорен граѓанин на Битола со цел да предивика паника, искористувајќи го логото на Општината Битола, во името на ЈП „Комуналец“ пласира информација дека пазарот во Битола од 21 март се затвора и нема да работи во наредните 14 дена и повеќе, додека ситуацијата не се подобри.
На ваквото соопштение реагираа од ЈП „Пазари“ Битола кои остро демантираа
дека пазарите во Битола ќе се затвораат. Чудно е како некој во името на општината Битола и ЈП „Комуналец“ кој патем речено воопшто не е надлежен за работењето на битолскиот пазар си зедоа слобода да пласираат вакви информации.
Дека некои битолчани и во време на вонредна состојба и полициски час сакаат да
си поигруваат со чувствата на граѓаните најдобро зборува тоа што еден битолчанец
деновиве, кога граѓаните се престрашени од коронавирусот, си дозволи себеси да снима своевидна скриена камера.
Битолчанецот, познат како „Ритко мдфк“ (Ritko mdfk) снимал со скриена камера
низ градот, велејќи им на случајните минувачи дека ќе им мери температура. На
снимката насловена „Битола под карантин поради коронавирусот“, Ритко, облечен во бел мантил со заштитна капа и ракавици, со туба и прскалка за дезинфекција, ги допира минувачите и ги прска со некоја течност, а ги прска и клупите во градот.
Притоа тој ги станува некои граѓани велејќи им „Господине, да не имаш вирус,
морам да те проверам, ела со мене. Ела да ти мерам температура. Да не имаш од вирусот, ќе те уапсам“. На Градското шеталиште затекнува неколкумина битолчани со кучиња и бара од газдите да ги држат кучињата за тој да ги попрскал, а потоа и нив да ги „дезинфицирал“ оти ги држеле. Оваа снимка е објавена на социјалните мрежи по воведувањето на вонредната состојба.
Навистина крајно непримерно е во време на вонредна состојба и полициски час некој да си игра со граѓаните и нивните чувства. Мајтапењето со граѓаните во некои други ситуации може до некаде да се разбере, но да измислувате лажни вести и да снимате филм со скриена камера на тема коронавирус во време на воредна состојба не само што заслужува осуда, туку и законско санкционирање, како што е предвидено со кривичниот законик во вакви вонредни ситуации. На потег се надлежните истражни органи. М. М.