Министерството за здравство информира дека согласно извештајот на Институтот за јавно здравје кој се однесува на периодот од 14 до 20 септември тестирани се вкупно 9.661 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на коронавирус, што е зголемување од 15,7 отсто во однос на минатата недела.
Регистрирани се вкупно 951 позитивни случаи од 29 градови во државата што претставува зголемување од 34,9% во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (н=261; 27,4%), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кочани – 154,3 на 100.000 жители. Во истиот период, во 16 града, бројот на ново-дијагностицирани е под 20.
Процентот на позитивни случаи од тестирани изнесува 9.8% или 1.4 % повеќе во однос на претходната недела.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години (н=213, 22,4%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 50-59 (н=176; 18,5%), 30-39 (н=173; 18,2%), 40-49 (н=149; 15,7%) и 20-29 (н=147; 15,5%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (н=37; 3,9%) и 10-19 години (н=56; 5,9%).
Од случаите кои се епидемиолошки истражени (н=907; 95,4%), регистрирани се 80 (8,4%) хоспитализирани (намалување од 37,0% во споредба со минатата недела), а кај 268 (28,2%) лица е регистрирано присуство на коморбидитети.
Од вкупниот број на нови случаи во периодот 14-20 септември, 313 (32,9%) имаат контакт со потврден случај. Регистрирани се 33 лица со историја на патување во последни 14 дена.
По добиени два негативни теста за присуство на коронавирус или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 636 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување.
Пријавени се 48 смртни случаи, 21 повеќе од минатата недела. Во однос на возраста, 32 лица биле над 60 години, 8 на возраст од 50-59, 4 од 40-49 години, 3 од 20-29 и еден случај од 30-39 години. Од починатите 42 лица биле хоспитализирани. Коморбидитети се регистрирани кај 35 од починатите лица.