Особено важно и од голема помош е да постојат дневна рутина и распоред на активностите

ПСИХИЈАТРИТЕ СОВЕТУВААТ КАКО ДА СЕ ПРЕБРОДИ КРИЗАТА

Во време на ковид-19 секако дека треба да сме информирани за тоа што се случува, но мора да проверуваме дали информациите што ни се пласираат се точни, за да не се зголемува вознемиреноста. Ова го истакна психологот Иво Куновски од Клиниката за психијатрија на видеосесијата што се одржа во Владата. Тој и неговата колешка д-р Маријана Станковиќ ги советуваа граѓаните како да го поминуваат времето во период на изолација, за да си ги намалат анксиозноста и чувството на страв и напнатост.

Со оглед на фактот дека лекуваат пациенти, но и со оглед на тоа дека и ним им се случува првпат да бидат затворени дома, „Нова Македонија“ ги праша психијатрите како си помагаат тие лично за да си го намалат стресот, па преку личната примена на совети и методи врз себе, да покажат што да прави и населението во овие денови.
– Во изолација е важно да си направите дневен распоред, на пример, во 7 часот станување, во 7 и пол пиење кафе, во 8 појадок. Користете потсетници за да знаете која активност во кое време ќе ја спроведете. Придржувајте се до дневната рутина. Мене ми е најважно да имам план за тоа што ќе правам во текот на денот.

Ја правам структурата на денот, си правам потсетници во колку часот треба нешто да направам. Кога работам, тоа го правам во посебна соба каде што имам спокој, во време кога и моите деца ќе бидат ангажирани во друга просторија, со намера сите да ги добиеме бенефициите од нашиот ангажман. Вежбам пилатес дома, тоа ми помага да си ги расчистам мислите. Физичката активност е неопходна за да ви биде исполнет денот со убава мисла – вели д-р Станковиќ.

Психологот Куновски рече дека сите совети што ги даваат во своите ординации или телефонски на населението, ги применуваат и тие самите. И тој кажа дека се придржува до одредена рутина во текот на денот, има физичка активност и дека се гледа онлајн со пријателите.
И двајцата советуваат, во денови на изолација, граѓаните да одржуваат комуникација меѓусебно, да зборуваат на телефон.

– Кога веќе имаме пристап на интернет, да проверуваме дали се точни информациите за да не ни ја зголемуваат вознемиреноста. Наједноставниот момент за растоварување на неубавите мисли е преку разговор со најблиските. Кога се во прашање децата, треба да знаете дека нивните реакции на страв и загриженост се сосема очекувани и нормални. Особено важно и од голема помош за нив е и тие да имаат дневна рутина, тоа ќе помогне да си ги исполнат активностите во денот. На децата треба да им го ограничиме пристапот до информации за ковид-19, оти како што тие информации можат да нѐ вознемират нас возрасните, можат да ги вознемират и нив. Родителите треба да бидат отворени за нивни прашања – рече Куновски.

Психијатарката Станковиќ рече дека кога имаме чувство на страв треба да го дефокусираме своето внимание.
– Мора да најдеме начин да ја зголемиме дозата оптимизам. Тоа значи дека двапати дневно по половина час треба да гледате хумористични клипови, читајте вицови, може да слушате релаксирачка музика. Сега е добро време да научите да свирите некој инструмент. Треба да правите нешто што може да ви го одвлече вниманието од оваа ситуација, како на пример, да гледате стари фотографии, кои ќе ви разбудат убави емоции. Читајте книги, садете цвеќе ако тоа ве исполнува и смирува или, пак, згответе некое ново јадење. Освен тоа, важно е и да ги одржуваме контактите со роднините на телефон, за да го одржиме чувството на поврзаност – вели докторката.

„Нова Македонија“ праша зошто психијатрите кај нас многу малку го применуваат бихевиористичкиот пристап во третирањето на анксиозноста и паничните напади, и наместо тоа веднаш одат со медикаментозна терапија.
– Има граѓани кај кои периодов првпат сега се воспоставува терапија во однос на панични напади. Има луѓе што успеваат да се носат со симптомите на анксиозност и тогаш не е процесот за терапија зашто сами се справуваат со емоциите.

Тоа го прават на тој начин што поминуваат време со најблиските или, пак, вниманието го насочуваат на нешто друго и на тој начин успеваат да ги намалат неубавите емоции. Но ако анксиозните тешкотии траат, тогаш е потребна стручна консултација со психијатар и по негова стручна процена се одредува по потреба и терапија – вели Станковиќ.