Државата издвои 390 милиони денари за набавка на вакцини против ковид-19, кои ќе бидат искористени во текот на годинава.
Владата на денешната седница ја прифати предлог-програмата на Министерството за здравство за задолжителна имунизација на населението во Северна Македонија за 2021 година, во која е содржан план за обезбедување годишни потреби на вакцини за задолжителна имунизација и вакцини по епидемиолошки индикациии.
Во програмата се опфатени возрасните групи подложни за одделни вакцинации, видот на вакцини што се даваат и начинот на давање, календарот за имунизација на деца од 0 до 18 години и календарот за catch-up имунизација за нередовно вакцинираните деца од 5 до 18 години.
– Вкупно одобрените финансиски средства за оваа програма изнесуваат 805.000.000,00 денари, од кои 415.000.000,00 денари се наменети за обезбедување на потребните количини вакцини за континуирана вакцинација, минимум потребни резервни дози вакцини и имуноглобулини според епидемиолошки индикации, а 390.000.000,00 денари за набавка на вакцини против ковид-19 – наведува Владата по денешната седница.