По воведувањето на мерките за заштита од коронавирусот зачестиле барањата на граѓаните за домашна посета од медициски лица, извести министерот за здравство Венко Филипче.
Тој ги повика граѓаните да ја користат можноста за помош во домашни услови и укажа дека и Итната медицинска помош и патронажните служби имаат капацитет да одговорат на барањата.
– Во изминативе денови значајно е почесто барањето за домашна посета од страна на граѓаните, што не е лошо. Напротив, добро е. Со било какви симптоми добро е да се осигураме дали може дома да се лекува во домашни услови или има потреба од дополнително дијагностицирање. Се зголеми капацитетот на службата за Итна медицинска помош во Скопје со возила. Дел од возилата кои беа планирани за други места во меѓувреме стигнаа, сега се сите во Скопје со што значајно се надгради капацитетот за дополнителни 70-80 проценти – рече министерот Филипче.
Здравствениот дом Скопје ги сопрел сите специјализации на вработените. Младите доктори испратани на специјализации се вратиле назад и сега помагаат токму во Итната помош и домашната посета.
– Очекувано е во овие моменти кога препорачуваме да се остане дома да има зачестени повици. Итните служби и службите за патронажа ќе излезат во пресрет. Сега тие располагаат и со кадар – уверува министерот Филипче.