Фото: Маја Јаневска-Илиева

УЧЕНИЦИТЕ ДЕНЕСКА СЕ ВРАЌААТ ВО УЧИЛИШНИТЕ КЛУПИ

Од Државниот и санитарен инспекторат најавуваат поинтензивни контроли во училиштата, но исто така очекуваат дека сите ќе се однесуваат многу подисциплинирано и поодговорно. Поголема одговорност и контрола се очекува и во јавниот градски превоз, во кој ќе има поголема фреквенција на патници

Новата учебна година започнува денеска со физичко присуство на учениците и се очекува многу поголема фреквенција и раздвиженост низ градот.

Како што најавија од Министерството за образование и наука, редарска служба ќе ги контролира влезот и излезот од училиштата. На вработените во училиштето, како и на учениците, при влез ќе им се мери телесната температура. За родителите влезот во училиштата е забранет, тие не смеат да влегуваат во објектите и имаат право само да ги остават децата, а исклучок се прави само за родителите на дечињата со посебни образовни потреби или за нивните лични асистенти. Секако, ќе се спроведува и редовна дезинфекција на училниците и на ходниците, како и редовно проветрување. Од Државниот и санитарен инспекторат најавуваат поинтензивни контроли, но исто така очекуваат дека сите ќе се однесуваат многу подисциплинирано и одговорно. Поголема одговорност сега се очекува од сите надлежни, но и во јавниот градски превоз, во кој ќе има поголема фреквенција на патници.

– Секако, во нашите планови веќе се застапени и позачестени контроли на училиштата, но тоа не значи дека секојдневно ќе ги посетуваме, бидејки ниту физички ниту со кадар можеме да постигнеме да посетиме околу 800 училишта. Но дека контролите ќе се интензивираат, да, тие ќе бидат позачестени. За протоколот, одговорни се наставниците и на нивна реакција може да реагира и Центарот за јавно здравје. Нереално е да очекуваме дека само со контрола ќе се почитува протоколот, бидејќи треба да се издигнеме на едно повисоко ниво – вели Иринка Сотирова Бухова, директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат.
Голема одговорност ќе имаат и вработените во училиштата и тие ќе мораат да отворат четири очи за да се почитува редот, особено оние што ќе бидат вклучени во редарските служби.

На нашето прашања во однос за протоколите, од Министерството за образование и наука велат дека начинот на организирање на учебната 2021-2022 година и постапувањето на училиштата се уредени со План и протоколи, кои пред речиси два месеца се усвоени и доставени до сите училишта и јавно се достапни.
Поголеми и позачестени контроли се потребни и во јавниот градски превоз, бидејќи сега фреквенцијата на патници ќе биде многу поголема, а досега многу од нив не носеа заштитни маски на лицето. Од ЈСП вчера ни рекоа дека од денеска, среда (1.9.2021 година), поради почетокот на учебната година и очекуваната поголема фреквенција на корисници на јавниот превоз, во сообраќај ќе бидат вклучени зголемен број автобуси. Автобусите ќе сообраќаат по делничен возен ред, односно јавниот превоз ќе го опслужуваат зголемен број возила во споредба со изминатите неколку месеци.
Учениците од прва година средно образование ќе добијат на користење привремени (хартиени) билети за бесплатно користење на превозот, кои ќе им бидат дистрибуирани преку училиштата – велат од ЈСП.
Приватните превозници до вчера не беа известени како ќе постапуваат, ниту пак од Градот добиле известување за зголемен број возила.

– Добивме известување од Градот на кои линии треба да продолжиме да возиме по летен возен ред, а на кои од денеска ќе почнеме со зимски возен ред, па така на линиите со броевите 19 и 20 и натаму ќе важи летниот возен ред, а на линиите 22, 52 и 54 ќе се вози по саботен возен ред. Согледувањето на Градот е дека тие ќе ја следат состојбата и доколку утврдат дека е потребно да има зголемен број на возила, односно да возиме по зимски возен ред, ќе ни кажат, иако лично сметам дека уште денеска требаше да почнеме со зимскиот возен ред, што значи многу повеќе возила на терен. Градот од нас ниту има побарано посебна редарска служба за да контролираме кој носи, а кој не носи маска ниту, пак, ние имаме право да го побараме тоа од патниците, нашите возачи само им укажуваат на патниците да стават маска – појаснува Милорад Димитриевски од приватното претпријатие „Макекспрес“.
Ленин Јовановски, првиот човек на приватните превозници од претпријатието „Слобода превоз“, вели дека ништо официјално од Градот не добиле, иако постојано барале информација од Секторот за сообраќај. За денеска вели дека веројатно како и досега ќе возат по досегашниот редуциран возен ред, а според него, ќе се случи цунами.

– Никакви мерки Градот нема преземено, без оглед што од денеска почнаа учениците со физичко присуство и ќе има поголема фреквенција на патници. Од друга страна, Градот не одредува со колкав капацитет на патници да биде исполнетоста на автобусите, туку Комисијата за заразни болести, а засега нема посебна препорака, што значи колкав е капацитетот на возилата толку патници ќе има – додава Јовановски.