Комисијата за заразни болести попладнево на состанок одлучи дека нема да дадат препорака за нови рестриктивни мерки.
За евентуални дополнителни мерки, Комисијата ќе одлучува на состанокот в понеделник, за да се даде време да се утврди дали мерките кои се веќе на сила даваат резултат.
– Комисијата ја следи епидемиолошката ситуација и доколку е потребно по викеднот ќе препорача дополнителни рестриктивни мерки, како целосно затворање на некои економски оператори и ограничување на движењето дали во текот на едно деноноќие, во попладневните часови или за време на викенд – информираат од Министерството за здравство по состанокот.
Министерот Венко Филипче смета дека мерките кои се на сила доколку доследно се почитуваат би дале резултати исто како што би дал и полицискиот час.
Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести апелираат на целосно и доследно почитување на мерките кои се на сила, како забрана за работа на угостителски објекти по 21 часот, групирање повеќе од 4 лица во текот на 24 часа, како и максимално почитување на протоколите на сите економски оператори.