Според највите денеска во спортската сала од Медицинското училиште во Прилеп започна масовната имунизација. Со „Астразенека“ денеска ќе се вакцинираат над 500 прилепчани над 60 годишна возраст. Меѓу првите кои ја примија вакцината беше Драга Маркоска, која рече дека вакцината е спасот од коронавирусот и им порача на прилепчани да се вакцинираат.
Според Кети Смилеска, директорка на градската болница со општа надлежност, првите два дена ќе се вакцинираат по 500 граѓани, а можноста е до 1000 на 15-те пункта, во зависност од добиените термини.
– Добивме 1000 вакцини на „Астразенека”. Првите два дена ќе се вакцинираат повозрасни граѓани зашто е хумано и наша обврска е прво да се вакцинираат ранливите категории. Денеска пунктот ќе работи од 10 до 16, а од утре од 8 до 20 часот. Можноста е да се вакцинираат по околу 1000 граѓани дневно, затоа е битно граѓаните да се пријавуваат, ќе добиајт порака за терминот и ние сме тука за да се вакцинираат – рече Смилеска.
Градоначалник на Прилеп Илија Јованоски апелираше до граѓаните да се пријават за вакцинација.
– Секој термин ќе биде проследен за пунктот за вакцинација и уверен сум дека наредните два до три месеца сите пријавнеи ќе се имунизираат. Тоа е единствениот спас да излеземе од пандемијата – рече Јованоски.
Пунктот што функционираше во здравствениот дом за повозрасните граѓани е затворен и сите ќе се вакцинираат на пунктот отворен денеска, во спортската сала на прилепското медицинско училиште. Граѓаните кои се вакцинираа во Битола повторно ќе се ревакцинираат во тој пункт.
Инаку, во болницата, одделенијата кои беа ковид-центри се враќаат во нормално функционирање. Моментно се хоспитализирани 10 пациенти на болница, а модуларната болница наскоро ќе биде ставена во мирување.
Ка.М.