На иницијатива на министерот за надворешни работи, Никола Димитров, министрите за надворешни работи на земјите од Западниот Балкан денес испратија писмо до Европската комисија со барање за изземање на земјите од Западен Балкан од Регулативата на ЕУ со која одредени медицински продукти за лична заштита беа ставени под режим на извозни рестрикции односно специјални извозни дозволи.
– Коронавирусот се прошири во сите делови на Европскиот континент и за да се победи оваа заедничка закана потребна е солидарност и взаемна соработка. Со оглед дека секаде први на фронтот со коронавирусот се здравствените работници сите заедно мораме да осигураме дека тие ќе ја имаат во секое време и во доволни количини медицинската опрема за лична заштита. Затоа Ние, партнерите од регионот се обединивме и итно и предлагаме на Европската комисија во предлогот за ревизија на регулативата која е во тек да предвиди изземање од потребата за специјални извозни дозволи за нашиот регион – се наведува во писмото.
Регионот на Западен Балкан, додаваат министрите, е дел од Европа, опкружен со земји членки на ЕУ и изземањето ќе испрати силен сигнал дека сите ние како Европејци работиме заедно за да успешно се соочиме и да го надминеме овој огромен предизвик.