Претседателот на Владата, Зоран Заев по завршувањето на состанокот на Советот за безбедност истакна дека со воведување на кризна состојба на целата територија на земјата, се добиваат поголеми надлежности за управување со сите капацитети во државата. Кризата и бројот на заболени ја наметнаа потребата за менаџирање на институционалните и човечките капацитети во здравствените установи, како во државните, но и во приватните, нагласи Заев.
– Потврдувам дека слободни капацитети има, а дополнително се ослободуваат и нови. Граѓаните треба да знаат дека државата е подготвена, навремено ги користиме и сите законски можности кои ни се на располагање, како што е и воведување на кризната состојба – рече премиерот Заев.
Одговарајќи на новинарско прашање во однос на воведување на полициски час и економските ефекти од таа одлука, премиерот Заев подвлече дека тоа ќе зависи единствено од препораките на Комисијата за заразни болести и од проценките на Кризниот штаб.
– Не постои поважна работа од здравствениот аспект на кризата. Полициски час во овој момент не се предлага затоа што најверојатно експертите не гледаат дека тоа ќе даде дополнителни резултати. Денес, знаеме многу повеќе за коронавирусот од тоа што го знаевме на почетокот во февруари и март. Економската состојба е стабилна, октомври месец го завршивме со 2,5% поголеми приходи споредено со октомври 2019 година. Економските оператори работат, системот функционира. Немаме стравови за економски последици. Ако се предложи дека треба да има полициски час, Владата ќе постапи по таа одлука. Важно е да се знае дека Владата нема калкулации, за ефектот врз економијата. Прво, тоа не е ни блиску важно колку што е важно здравјето на граѓаните, а второ и за време на полициски час фирмите, операторите работат, има протоколи за работа, што значи ефектот би бил минорен врз економијата – заклучи премиерот Заев.