Премиерот Зоран Заев денеска преку видеоврска одржа состанок со претставниците на Министерствата за здравство, внатрешни работи и за одбрана, како и припадниците на Црвениот крст и Противпожарната бригада, кои изминатата година беа во првите редови во борбата за справување со кризата која произлезе од ковид-19 и се заблагодари за придонесот во успешното менаџирање со кризата, информира владината прес-служба.
Заев на сите им посакал пријатни празници со желба за здравје и успех во нивните работни задачи и им порачал дека тие се хероите на нашето време.
– Во оваа борба, за совладување на здравствената криза со пандемијата, во првите редови се вклучени лекарите и целиот медицински и друг помошен персонал во болниците, припадниците на МВР, нашите граѓани во униформа и цивилниот персонал на Армијата, волонтерите на Црвениот крст и на другите хуманитарни организации, припадниците на противпожарните единици и сите останати вклучени во системот за справување со кризи. Сите вие, изминативе месеци сте на првата линија во борбата со опасниот и непредвидлив вирус, притоа доведувајќи го сопственото и здравјето на своите блиски во опасност – истакнал премиерот Заев.
Директорката на Клиниката за инфективни болести и координаторот на ковид-центрите на интерните клиники д-р Милена Стефановиќ и директорот на Клиниката за пулмологија д-р Дејан Докиќ го информирале премиерот за моменталната состојба во клиниките и ковид-центрите, оперативните планови кои се во функција и тековната координација околу очекуваното вакцинирање на популацијата со која ќе се стави крај на пандемијата.
На состанокот се обратиле и првите луѓе од другите сектори, информираат од Владата.